Заев: Направивме смели чекори, очекуваме фер оценување од ЕУ (ВИДЕО)

Даниелсон, посочија од Владата, истакнал дека напредокот и посветеноста на Владата се видливи, и дека Европската Комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ.    

116

Првиот човек на Директоратот за соседство и преговори за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон, заедно со амбасадорот на ЕУ во нашата земја Самуел Жбогар, денеска имаа состанок со премиерот Зоран Заев и со ресорните министри за реформските приоритети: Оливер Спасовски, Бујар Османи, Рената Дескоска, Дамјан Манчевски и Никола Димитров.

На состанокот од Владата посочиле дека паралелно со имплементацијата на Преспанскиот договор, работеле напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018, како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019, односно на реформи во правосудството, во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и во јавната администрација.

– Имплементацијата на законите и практикувањето на вредностите на поделба на власта, владеење на правото и борба против корупцијата ќе докажат дека во Македонија работите навистина суштински се менуваат и дека Македонија заслужува да ги започне преговорите во јуни 2019 година. Денес судството е далеку по независно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте – истакнал Заев.

Премиерот информирал и дека веќе девет поглавја од преговарачкиот процес се опфатени и поминати низ заедничките објаснувачки подготвителни состаноци со Европската комисија, и дека оваа фаза дава значајна подготовка за преговорите кои следуваат.

– Убеден сум дека овие нови стандарди кои оваа Влада ги постави ќе продолжат и ќе се засилат, а тоа ќе биде аргумент за Република Македонија да оди напред во интеграциите кон ЕУ кои беа долго замрзнати. Од нашите пријатели во ЕУ очекуваме само праведно и фер оценување засновано на резултати кое ќе ни даде шанса за успех, успех на целата држава и општество, но успех и за Западен Балкан и за Европската Унија. Република Македонија направи извонреден напредок и презеде смели чекори и отпочнувањето на преговорите за членство во јуни 2019 година ќе испрати силен сигнал до Регионот на Западен Балкан, дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати – ако земјата кандидат испорачува, тогаш и ЕУ испорачува – рекол Заев

Даниелсон, пак, во име Европската Комисија уште еднаш ги пренел честитките за историскиот договор со Грција, и истакнал дека комисијата останува и понатаму максимално посветена на поддршката за Македонија во претстојниот период за да се оствари договореното минатата година.

Тој, посочија од Владата, истакнал дека напредокот и посветеноста на Владата се видливи, и дека Европската Комисија ќе продолжи со укажувањата и препораките, како што тоа го прават добрите пријатели, за да се остварат заедничките интереси на Република Македонијa и на ЕУ.  

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...