Повелете една значка, гордо да си ја носите на реверот – му рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на Христијан Мицкоски, подавајќи му значка со знамето на НАТО.
Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го прими подарокот, веднаш се фати за џебот и на својот политички опонент му подари паричник.
– Не ми требаат подароци. Јас си го имам тоа што ми треба – му одговори Заев и му го врати подарокот.
Инаку, претседателот на СДСМ најави дека во пресрет на изборите на 12 април ќе настапи како носител на листа во Четвртата изборна единица.
– Бујрум, го канам господинот Мицкоски да дојде во Четвртата изборна единица и да се соочиме на домашен терен. Јас можам да бидам и шпицен кандидат за премиер, можам да играм и како крило – рече Заев.
Мицкоски не откри на која изборна единица ќе биде носител.
– Јас сум убеден во победата и во тоа дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја формира идната влада. Јас сум универзитетски професор, паралелно сум и претседател на партијата, но за жал, професорската професија ќе мора да почека додека ја извршувам премиерската функција – рече Мицкоски.
На прашањето дали партијата СДСМ е подготвена да оди на широка коалиција доколку резултатите на изборите бидат изедначени, Заев рече дека нема шанси за такво нешто сè додека на чело на ВМРО-ДПМНЕ е Мицкоски.
– Не сме спремни да влеземе во заедничка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ додека партијата ја води Мицкоски. Се надевам дека по поразот на 12 април, господинот Мицкоски веднаш ќе си поднесе оставка. Од тој момент, и ние ќе бидеме подготвени за широка коалиција – рече Заев.
Мицкоски, пак, рече дека по 12 април Заев ќе биде збунет затоа што доживеал дебакл, а како што додаде, тогаш тој ќе биде прогласен за најголем губитник.