Јас и Џозеф, како и членовите на двете делегации, разговаравме за почнувањето на непосредни конзуларни услуги за граѓаните на Република Македонија во Ла Валета. Тоа ќе биде од директна корист за сите граѓани на РМ кои живеат и работат во Малта, рече премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со премиерот на Малта Џозеф Мускат, кој со владина делегација престојува во прва официјална посета на нашата земја, соопшто Владата.
– Се договоривме да ги поттикнеме Стопанските Комори на Република Македонија и на Република Малта да воспостават комуникација и да ги препознаат можностите што се отвораат меѓу нашата земја како скорешен член на НАТО и на ЕУ, како земја со рекорден прилив на странски директни инвестиции во годината што изминува, со Малта како земја членка на Европската Унија. Продлабочувањето на врските со Малта ќе го овозможи и нашата заедничка заложба за креативна соработка на планот на образованието и науката, во културата, здравството и одбраната.
Моите очекувања се дека нашите две земји ќе воспостават длабоки билатерални односи на широки основи до нашето членство во Европската Унија – рече Заев.
Премиерот Мускат на Заев, му пренесе дека со восхит ги следи завршните процеси, вклучувајќи ги уставните измени и изрази уверување дека сето тоа ќе биде ценето и од корист за сите македонски граѓани и дијаспората која живее во Малта.
Тој изрази задоволство од можноста да се понудат конзуларни услуги од страна на РМ за македонските граѓани кои живеат во Малта. Истовремено, изрази интерес да се склучи билатерален договор за регулирање и заштита на нивните работнички права таму.
Истовремено, премиерот на Република Малта најави очекувања за проширување на формите на соработка меѓу двете земји и тоа во областа на здравството, трговијата и размена на инвестициите, информирајќи дека наскоро очекуваат посета од македонска бизнис делегација.