Заев: Можно е уште вечер да се знае името на кандидатот за претседател

277

Десет имиња ќе се разгледуваат како можен консензуален кандидат на владејачката коалиција за престојните претседателски избори и можно уште денеска да се знае името на кандидатот, порача денеска премиерот Зоран Заев.

СДСМ, коалициските партнери и другите партии кои даваат поддршка за заеднички претедателски кандидат, вечер во 20 часот во хотел „Хилтон“ ќе одржат средба на која треба да биде утврдена личноста што ќе влезе во трката за нов шеф на државата на претстојните шести по ред претседателски избори.

Заев одговарајќи на новинарско прашање дали Стево Пендаровски е фаворит за консензуален кандидат, рече дека тој е еден од кандидатите, кои ќе бидат ставени на разгледување.

-Во контакст сме со сите политички партии, кои ја изразија својата  подготвеност да застанат  за заеднички кандидат.  Десет имиња се за разгледување, секако имаме и свои фаворити заради тоа што граѓаните  ни испратија јасна порака за тоа каков претседател посакуваат да има нашата земја. Ќе ги земеме предвид сите аналитички аспекти во смисла идниот претседател на Република Северна Македонија да биде претседател на сите граѓани,  кои ќе го чуствуваат за свој, а истовремено  веруваме ќе биде и доволно мотивирачки  фактор за да добиеме голема излезеност, истакна Заев по денешната посета на „Алкалоид“.

По одлуката на лидерите од владејачката коалиција СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети,  за заеднички кандидат,  дел од медиумите објавија дека веќе е познато и името, а дел, пак, тврдеа дека се уште се во игра имињата на Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Стево Пендаровски и Оливер Спасовски од СДСМ. На огласот на СДСМ, пак, се пријави амбасадорот Ѓорѓи Филипов.

Владејачката СДСМ в недела треба да одржи конгрес на кој ќе биде промовиран кандидатот за нов шеф на државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...