Заев може да го повлече и Ахмети надвор од владата

Доколку СДСМ реши предизборно да раскрсти со ДУИ, неофицијално министерските фотелји кои би се испразниле можно е да се пополнат со кадри од партиите на Мендух Тачи и на Африм Гаши, како дел од владината коалиција.

11866

Заминувањето на Зоран Заев од премиерската функција на 3 јануари и формирањето на Пржинската влада може да значи и крај на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, односно техничкиот премиер може да им се заблагодари на министрите од ДУИ за учеството во владата, брифираат за Плусинфо од СДСМ.

За односите во владината коалиција СДСМ ќе расправа до крајот на неделава, по што ќе биде појасно дали формирањето на техничката влада која треба да ги спроведе изборите ќе значи и раскинување на дружбата помеѓу СДСМ и ДУИ. Односно, можно е вицепремиерите Садула Дураку и Бујар Османи, како и министрите Крешник Бектеши, Арбр Адеми, Насер Нуредини и Хисен Џемаили  да не бидат дел од пржинската влада.

Премиерот Заев веќе најави дека СДСМ ќе разговара за меѓукоалициските односи со ДУИ откако партијата на Али Ахмети поднесе 5.000 амандмани за измените на Изборниот законик  во делот на промена на изборниот модел. Тогаш Заев изјави дека тоа е сериозна причина за размислување. Тој рече дека се отвора прашањето за тоа колку е владината коалиција одржлива или не.

– Сега 5.000 амандмани е навистина лоша порака, кој и да е „ту мач“, сета оваа дискусија што се случува, мене ми е јасно дека е предизборна кампања и дека секоја партија се поставува, но сериозните пораки кои се испраќаат кон нас, ние сме должни да ги разгледаме – рече тогаш Заев.

Доколку СДСМ реши предизборно да раскрсти со ДУИ, неофицијално министерските фотелји кои би се испразниле можно е да се пополнат со кадри од партиите на Мендух Тачи и на Африм Гаши, како дел од владината коалиција.

По најавата на Заев дека ќе ги разгледаат односите со ДУИ, од партијата на Ахмети ја  смируваа ситуацијата со изјави дека коалицијата е функционална.

Пратеникот Артан Груби во гостување на „Отворено“ на ТВ 24 рече дека коалицијата со СДСМ е успешна и стабилна.

– Нашата коалиција е успешна. Решивме прашања кои три децении ги засегаа нашите граѓани, има политичка стабилност, има меѓунареноден углед државата. Заедно работевме и ги надминавме сите предизвици и успеавме да ја донесеме Македонија тука, во НАТО и пред вратите на ЕУ. Така што коалицијата не е на стаклени нозе, имаме разлики во некои политики, но коалицијата е стабилна – вели Груби.

Тој и за несогласувањата за една изборна единица вели дека нема конфликт помеѓу СДСМ и ДУИ, туку само различни ставови.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...