Заев: Ми стигаа пораки „престани оти ќе видиш што имаме за тебе“

5979

Премиерот Зоран Заев верува дека случајот Поткуп му е наместен од поранешната власт за да го спречат да ги објавува бомбите. Тој на денешното рочиште рече дека до него стигнале и пораки во кои се велело: ,,Престани оти ќе видиш што се имаме за тебе.

Конкретно за случајот „Поткуп“, Заев мисли дека првиот обид да го наместат бил кога бизнисменот Иван Николов му кажал дека нема да може да донира три евра за квадрат како што ветил.

На седниците на економско-социјалниот совет било дискутирано фирмите соодветно да донираат за изградба на црквата, а по еден состанок во домот на АРМ во Струмица бизнисменот Николов, рече Заев, кажал дека нема да може да донира.

– Еден ден по завршување на економско-социјален совет на излегување од состанокот во домот на АРМ, господинот Иван Николов ми пристап и и почна да разговара исклучиво за донирањето на црквата. Неговата зборови беа: „господине градоначалник јас нема да можам да ги донирам трите евра од метар квадратен кои ги ветив пред сите од причина што се плашам дека власта ќе го смета тоа за поддршка на Заев. Јас бев во брзање и само реков: ,,Иво тоа е меѓу тебе и Господ, колку милуваш толку и ќе донираш. Те молам за ова прашање нема што да зборуваме овде. Бев во брзање и ми побара да закажам состанок. Тоа веројатно беше неколку дена пред да бидам снимен со ПИ мерките кои преку него ги спроведуваа. Според мене овде се случува првиот обид за спроведување на сценарио за мое местење заради некои политички цели кои од денешен аспект ми се повеќе од јасни – раскажуваше Заев.

Тој се сомнева дека Николов се согласил да биде дел случајот затоа што во тоа време се воделе најмалку две истраги против него од државните институции за одредени градења без одобренија, но и една истрага од Агенцијата за финансиско разузнавање за перење пари.

– Моја претпоставка е дека со одредени лица веројатно во тоа време со господинот Митко Чавков почнало да се реализира одредено сценарио за да во прв наврат го држат во раце еден од своите политички опоненти, тоа сум јас, а после тоа да го користат сето ова за спречување на проектот Вистината за Македонија или т.н. политички бомби на опозицијата – потенцираше Заев.

Премиерот зборуваше и за тоа дали има поврзаност на снимките кои беа објавени на јутуб со бомбите.

– Снимките објавени на јутуб направени во мојот кабинет како градоначалник во Струмица суштински не се поврзани со бомбите, но временски и со сигурни причини се објавени во период кога се објавуваа т.н. политички бомби во јавноста за да ме спречат во намерата да се објави се што објавивме тогаш во јавноста. Објавата дека подолг период се прави обид за мое местење со цел мое спречување како шеф на опозицијата во објавувањето на бомбите го направив јас на 10 март 2015 кога ги пуштавме политичките бомби во Универзална сала каде се објави пакетот бомби за изборни нерегуларности – вели Заев.

Заев денеска одговараше на прашањата на неговите адвокати, на обвинителката и на судиите.

Обвинителката постави само две прашања кои и не беа поврзани со предметот. Прво општо праша дали против неговата работа како градоначалник имало поплаки. Заев кажа дека поплаки имале само Никола Груевски, Сашо Мијалков, Митко Чавков и Миле Јанакиески за случајот познат како Глобал. Обвинителката рече дека не е тоа што сакала да праша туку дали граѓаните имале поплаки, а тој рече дека никогаш немале.

Судењето ќе продолжи во среда на 9 мај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...