Видео снимката за случајот „Поткуп“ каде обвинет е премиерот Зоран Заев дека како градоначалник барал мито за градежно земјиште, денеска се гледаше зад затворени врати во судницата во Кривичниот суд. Заев веи дека целосното гледање на снимките се покажува намерата да се оцрни неговиот образ.
– Со целосното гледање на снимките се гледаат намерните. Д вата прекина на снимките се заради, би рекол, зла намера да се оцрни моето лице. Таму во тој дел, се докажува токму тоа. Кога се зборува за парите, се зборува за железо, за цемент, за тули, комплетно за организација за црквата. Мене ми е мило што судот ќе ги има предвид комплетните докази и убеден сум дека предметот треба да финишира, секако судот ќе се изјасни за тие работи. Апсолутно ми е мило што низ судска постапка го разобличивме целиот предмет, буквално како што реков, го отворивме како пупка – изјави Заев.
Според премиерот, дека случајот е монтиран покажува токму видео снимката, телефонските разговори кои се слушаа минатото рочиште, како и испитувањето на сведокот – бизнисменот од кој наводно тој барал поткуп. Бидејќи, како што вели тој, местењето е очигледно, решиле да се откажат и од сослушувањето на тројцата сведоци предложени од одбраната.
– Станува повеќе од очигледно дека се работело за агент провокатор, за местење, веројатно тоа е што имал неколку истраги против него и се случило пазарење во тоа време, сѐ со конечна цел за Заев да биде спречен со бомбите – вели Заев.
Премиерот и неговите адвокати бараа видео-снимката да се гледа јавно, Кривичниот суд им го одобри барањето на што се жалеше обвинителството. Конечната одлука ја донесе Апелација носејќи решение дека снимката, сепак, ќе се гледа зад затворени врати односно со исклучување на јавноста.
Заев вели дека по завршување на судскиот процес ќе го бара секој можен начин според законот, да ги добие тие снимки и да ги пушти во јавноста бидејќи во прашање е доведен неговите достоинство и чест.