Заев: Мицкоски беше најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ, а ние сме шампиони во реформи

446

Северна Македонија денес е шампион во реформи во енергетска политика, според официјалниот извештај на Енергетската заедница, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Toj наведува дека реформите во македонската енергетска политика се прогласени за шампионски затоа што цената на струјата престана да расте, вратена е евтината тарифа, зголемено е домашното производство, ЕСМ има добивка од 80 милиони евра, средства што се вложуваат за потребите на граѓаните, цената за приклучок за броило е намалена од 500 на 370 евра, намалена е цената на парното греење…

– Денес, имаме најниска цена на струјата во Европа. Од 2006 до 2016 година ВМРО ДПМНЕ ја покачи цената на струјата за сите потрошувачи за 100 отсто. СДСМ ja намали и стабилизираше цената на струјатам – наведува Заев.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ беше против враќањето на евтината тарифа и тврдеа дека така ќе поскапела струјата. Еве не, истакнува, две години потоа, имаме евтина тарифа и ниска и стабилна цена на струјата.

– Во време на ВМРО-ДПМНЕ имаше пад од 25 отсто на домашното производство на електрична енергија, а увозот достигна вртоглави 38 отсто. Денес, Електрани на Северна Македонија (ЕСМ/ЕЛЕМ) не купува електрична енергија. ЕСМ продава енергија на европските пазари и за две години продаде енергија во вредност од 40 милиони евра. ЕСМ денес има добивка од 80 милиони евра, средства кои се вложуваат за потребите на граѓаните. 10 милиони евра од овие средства оваа сезона ќе бидат вложени за 10.000 семејства да добијат еколошки инвертери за борба против аерозагадувањето. Во време на ВМРО-ДПМНЕ средствата се вложуваа во барокни згради, рајски градини и други фикции од мозоците на Мицкоски и Груевски – стои во објавеното на фејсбук профилот на Заев.

За цената на приклучокот дека е намалена, наведува дека со години, за обичен приклучок на електричната мрежа се плаќаа 500 евра, од оваа година првпат цената е намалена за 26 отсто и изнесува 370 евра.

– Намалена, е додава, цената на парното греење. Со намалување ДДВ-то од 18 на пет отсто на сметките за парно греење, остануваат повеќе пари во семејните буџети на граѓаните, а овој еколошки начин на греење станува подостапен за нови корисници. Граѓаните кои не користат парно греење денес не плаќаат. Во време на ВМРО-ДПМНЕ и исклучените од парно мораа да плаќаат. Ние тоа го запревме и овозможуваме услови граѓаните повторно да се вратат да се греат на овој еколошки начин на греење, по прифатлива цена – наведува Заев.

Истакнува дека во тек е интензивна гасификација на Северна Македонија. -Инсталирани се 101 км цевки за гас во рамки на примарната мрежа на делниците Неготино – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Степенот на реализација изнесува 74 отсто. Денес, целосно се завршени сите административни процедури за интерконекторот за гас со Грција. За ова добивме европски грант од 13 милиони евра. Мицкоски и Груевски, 11 години инсистираа на целосна зависност од рускиот гас – вели Заев.

– Македонско сонце за македонска енергија, фотоволтаични електрани низ целата држава. Сто и осум јавни објекти во преку 40 општини добија фотоволтаични системи со што годишно се заштедуваат 196.000 евра од општинските буџети. Владата додели дозволи за 35 мегавати нови фотоволтаични електрани за кои не плаќа никаква тарифа, а Електрани на Северна Македонија се пред почеток на изградба на нова електрана во стариот рудник во Осломеј од 10 мегавати. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ за 11 години се изградија само 18 мегавати фотоволтаични електрани, за кои 20 години ќе плаќаме вртоглаво високи цени на енергијата – пишува Заев на Фејсбук.

Спротивно на сѐ наведено погоре, додава Заев, Мицкоски како директор на ЕСМ (тогашно ЕЛЕМ) ја водеше најлошата енергетска политика во земјава. Најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ денес е најнеуспешниот лидер на опозицијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...