Демократијата и слободата на едно општество зависат од слободата на говорот и на медиумите. Република Македонија е демократска земја, во која владее правото и во која целосно се почитуваат слободата на говор и на слободно изразување. Медиумите во земјава треба да работат ослободени од какви било притисоци, да ги информираат граѓаните навремено, точно и без цензура, наведе премиерот Зоран Заев во пораката по повод 3 Мај – Светскиот ден на медиумска слобода.
„Цела деценија во нашата држава новинарите беа злоупотребувани, напаѓани, цензурирани и спречувани во својата работа. Беше потисната основната медиумска слобода. Оваа состојба беше и причина за неинформираноста на голем дел од нашите граѓани со што директно беа загрозени основните темели на нашата демократија. Ние како отворена, транспарентна и демократска влада целосно ја почитуваме слободата на медиумите и укажуваме на важноста медиумите да работат, пред сè, за граѓаните и во интерес на владеењето на правото и демократијата, а не за нечии лични интереси“, истакна Заев во пораката по повод Светскиот ден на медиумска слобода, објaвена на неговата Фејсбук страница.
Тој на сите новинари во Република Македонија им го честита овој ден и ги поттикна да работат посветено и одговорно.
„Да ја надградуваме нашата демократија и да ги почитуваме фундаменталните човекови слободи и заедно да можеме достоинствено да кажеме дека сме модерна европска демократска држава“, наведува Заев.