Заев: Мајкрософт е наш сериозен партнер, данокот за информатика ќе се намали од 10 на 3 отсто

1505

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и претседателот на Националниот совет за ИКТ во Владата на Република Македонија, Владимир Цветковиќ, денеска остварија средба со генералната менаџерка на Мајкрософт за 24 земји од Централна и Источна Европа, Анке ден Ауден, информираа од Владата.

На средбата беше заклучено дека соработката со оваа врвна и светски позната ИТ компанија ќе се продлабочува  и во таа насока Мајкрософт претставува сериозен партнер на Република Македонија, особено во процесите на дигитална трансформација и обезбедување на сајбер безбедност. Беше разговарано да се работи на заедничка платформа којашто ќе опфаќа соработка на повеќе полиња, а целта што треба да се постигне е граѓаните да почувствуваат директни придобивки од дигитализацијата на одредени процеси и услуги.

„Со нашето зачленување во НАТО се зголемува потребата, но и наша обврска е да работиме на зголемување на безбедноста и сигурноста на сајбер просторот. Во тој процес исклучително важна е помошта што Мајкрософт како водечка ИТ компанија во светски рамки може да ѝ ја пружи на Република Македонија“ порача премиерот Заев.

Премиерот Заев ги информираше генералната менаџерка и претставниците на компанијата Мајкрософт дека оваа година е планирано намалување на данокот од добивка за информатиката и информациони технологии од 10% на 3% и оцени дека оваа мерка заедно со нашето членство во НАТО ќе претставува доволен поттик за компании од ИТ секторот да ја препознаат Република Македонија како стабилна земја и долгорочна бизнис дестинација и да реализираат нови инвестиции во Република Македонија.

Во таа насока премиерот Заев информираше и за финансиската поддршка предвидена преку Планот за економски раст за компаниите и за развој на нови иновативните проекти на младите луѓе. Целта е да се поттикне креативноста на младите луѓе да создаваат, да ги препознаат новите перспективи што се отвораат со членството на земјата во НАТО и да почувствуваат сигурност од државата и мотив да останат, живеат и работат во Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...