Заев – Макрон: Се бориме за иста Европа ВИДЕО

674

Премиерот Зоран Заев, вечерва имаше средба со претседателот на Франција Емануел Макрон, кој како и премиерот Заев, утре ќе учествува во официјалната програма на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, што се одржува во Софија, Република Бугарија, земја претседавач на ЕУ за овој мандатен период, информира Владата.

Во искрена и пријателска атмосфера, премиерот Заев и претседателот Макрон разговараа за актуелни политички теми од интерес на Европската Унија, регионот и Република Македонија, како и за билатералните односи на нашата земја со Република Франција.

Премиерот Заев на средбата истакна дека Република Македонија и Западен Балкан се менуваат и демонстрираат европски манири.

Претседателот на Владата на РМ го информираше Претседателот Макрон дека Република Македонија продолжува со интензивните и сериозни реформи во правосудството, јавната администрација и во сферата на медиумите и дека сите реформски проекти се спроведуваат во дијалог со опозицијата.

– Моите сограѓани имаат европска иднина и ние, Балканот и ЕУ се бориме за иста Европа. Ве уверуваме дека Република Македонија е успешна приказна на Балканот и заслужува вреднување соодветно на постигнатите резултати. Ги поддржуваме вашите заложби за покохезивна, функционална и поодржлива ЕУ. Лидерството на Франција е мотивација и пример и за Македонија и за регионот – истакна премиерот Заев на средбата со Претседателот на Република Франција Макрон.

Претседателот на Република Франција Емануел Макрон на средбата истакна дека Франција со внимание ги следи политичките процеси во регионот и во Република Македонија и посочи дека Македонија и Грција преземаат историска улога со посветеноста во решавањето на прашањето за името, и дека решавањето на овој спор е позитивно и сериозно наследство за Македонија.

Претседателот Макрон изрази честитки за реформите што ги презема Република Македонија и дека Франција ќе ја поддржи Македонија во позитивната динамика на спроведувањето на промените во земјата и во забрзување на прогресот на земјата.

Премиерот Заев и Претседателот Макрон се согласија дека е неопходно Западен Балкан да ги зајакнува врските со ЕУ за да се одржи европската перспектива на регионот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...