Премиерот Зоран Заев ќе ја турка измената на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица иако вчера владиниот партнер ДУИ и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се изјаснија дека се против измени на Изборниот законик пет месеци пред изборите.
– Се надевам дека предлогот за една изборна единица ќе се донесе со консензус. Ние немаме како поинаку, ние ветивме, дадовме збор на граѓаните уште во кампањата во 2016. Ние веруваме во тоа. Веруваме и покрај тоа што знаеме дека големите партии губат, но добива демократијата. Ако дојде до гласање во парламентот јас се надевам дека тоа ќе биде консензуално, но ако не е консензуално СДСМ ќе гласа за измена на изборниот модел. Државната изборна комисија е подготвена, институциите се подготвени. Мислам дека има и Бадентерово мнозинство, не сум сигурен. Има 23 Албанци во парламентот а ДУИ има 10, каде се другите помалкубројни заедници. Ќе видиме на гласањето, се надевам дека ќе успее, а ако не успее ќе направи притисок за следниот пат за исчекор кон нов изборен модел – изјави Заев.
Груби вчера изјави дека политичките партии усогласиле измени на Изборниот законик, во кој не се предвидува промена на изборниот модел.
– Вчерашната средба, беше неформална средба на ентузијасти. Ние остануваме на формалниот состав кој што дискутира промени на изборниот законик и тоа е во рамките на Министерството за правда. Неделава имавме сите средба, и политички партии, невладините организации и меѓународни организации и веќе сме усогласиле текст на предлог-закон кој што во себе ги инкорпорирта сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР од последните три изборни циклуси претседателски, локални избори и референдум и во тој предлог не се дискутира околу изборен модел – изјави Груби.
Според него, апсурдно е да се дискутира за промена на изборен модел на пет месеци пред предвремени избори.
И генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев смета дека не треба да се пристапи кон менување на изборниот модел на неколку месеци пред закажаните предвремени парламентарни избори. Тој повтори дека ВМРО-ДПМНЕ останува на предлогот за мнозински модел со 120 изборни единици.
– Нашиот став е добро познат и јасен и многу пати кажан во јавноста, прво што треба да се направи е да се усвојат препораките од страна на ОБСЕ/ОДИХР и секако на канцеларијата на Европската Унија, и тука работните групи работат и се веќе во, можам да кажам, една напредна фаза. Очекуваме што е можно побрзо истите да се донесат бидејќи е неопходно, да не го оставаме тоа непосредно во периодот пред распишувањето, односно започнување на изборите – рече Јанушев.
Пратеници од 15 помали партии ја покренаа иницијативата за промена на изборниот модел во една изборна единица и предупредија дека доколку не помине нивниот предлог тие нам да гласаат за измените на Изборниот законик во делот на препораките на ОБСЕ и ОДИХР.