Заев: Клучно е да ги мотивираме младите да спортуваат

165

Мисија на оваа Влада е да го промовира спортот во Македонија, со посебно внимание на младите спортски таленти. Спортот е најдобриот амбасадор посебно за малите држави. Клучно е да ги мотивираме граѓаните, а посебно младите да спортуваат.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев, кој во пресрет на одржувањето на годинашниот „Виз ер скопски маратон“ денеска се сретна со светската шампионка и главен промотор на маратонот Пола Редклиф и со претставници од организацијата на оваа манифестација.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, ги запозна гостите со плановите за развој на спортовите во Македонија преку законски измени, кои меѓу другите мерки опфаќаат и механизми за даночни олеснувања за компаниите кои ќе се вложат во развојот на спортот во Македонија.

На средбата присуствувале и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и советниците за спорт и млади Ѓорѓи Тасев и Даниел Димевски.

Гостите, како што се наведува во соопштението, го запознале премиерот со почетоците и развојот на овој скопски маратон низ годините, како и со светските резултати и постигнувања на Редклиф во маратонските трки. Тие изразиле благодарност за поддршката што ја добиваат од Агенцијата за млади и спорт во целокупната организација на оваа спортска манифестација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...