Премиерот Зоран Заев заедно со директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, вечерва се сретна со претседателот на италијанската Национална антикорупциска управа Рафаеле Кантоне, придружуван од своите соработници и амбасадорот на Република Италија, Карло Ромео.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, била изразена поддршка за постигнатиот Договор со Грција, кој бил оценет како голем и значаен чекор кон успешното остварување на напорите на земјава за европска и евроатлантска интеграција.
– Беше истакната и посветеноста на Владата на Република Северна Македонија за продолжување на реформите во правосудниот систем, јавната администрација, безбедносно-разузнавачките служби и борбата против организираниот криминал и корупцијата. На средбата, со највисокиот претставник на италијанската Национална антикорупциска управа позитивно беше оценето донесувањето на Законот за спречување на корупција и судир на интереси како и транспарентниот избор и именување на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во Северна Македонија, се вели во сооштението од владината прес-служба.
Двете делегации се согласиле дека Северна Македонија и Италија ги поврзува искрено пријателство и соработка, со интенција и поддршка да се продлабочуваат и конкретизираат и идните чекори кои двете земји ќе ги преземаат во областа на борбата против корупцијата, размената на заеднички искуства, идеи, практики и мерки и во други области.
Во таа насока, напоменуваат од Владата, е и утрешната Конференција „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел – италијанскиот пример”, која ја организираат Мисијата на ОБСЕ и италијанската Амбасада во Скопје, а на која ќе учествува и ќе говори премиерот Заев.
На Конференцијата, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со италијанската пракса за борба против корупцијата, а ќе се дискутира и за независните надлежни органи одговорни за антикорупција, важните реформи и перспективи за интеграција на земјата во Европската Унија.