Мојата посета тука е прва официјална на грчки премиер во вашата земја. Изгубивме многу време. Мора да трчаме и брзаме бидејќи изгубивме три децении. Мора да ги преминеме сите овие јазови и да ги премостиме. Да преминеме од историја на војни и наратив на поделби и да се обидеме да изградиме нов наратив, на заедничка соработка и раст. Ова денеска го изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Скопје.
Цирпас, нагласи дека Грција ќе продолжи со поддршката на Северна Македонија во нејзините напори да продолжи со неопходните реформи и да стане дел од ЕУ.
– Нашата официјална посета денеска претставува историски чекор напред на Балканот и Европа. Ние сме тука да најдеме решение и да гледаме напред, да градиме мостови наместо ѕидови – изјави Ципрас.
Најважното прашање на денешната средба била економијата, зашто, како што рече, мора да се избегне двојно оданочување.
– Покрај тешкотиите има многу грчки претприемачи кои во моментот работат и се активни во Северна Македонија. Сепак, мојата делегација носи со себе повеќе од стотина претприемачи со цел да се постигне подобра соработка и односи во иднина. Воспоставивме и координативен комитет за наша соработка, што ќе врши надзор и ќе ги поддржува таквите потфати во рамки на економските односи – изјави Ципрас.
Институции во двете земји ќе соработуваат меѓусебно и ќе вршат надзор во спроведувањето на Преспанскиот договор.
Според премиерот Заев, оваа историска посета е силен израз на заедничката политичка волја и јасен знак за решавање на отворени прашања како придонес за еден нов Балкан.
– Од 17 јуни минатата година кога нашите две земји го потпишаа Договорот од Преспа пишуваме историја во неколу наврати. Грција е првата земја што го потпиша Протоколот за членство во НАТО, што е наш стратешки стремеж, а премиерот Алексис Ципрас упати повик до ЕУ да започне преговори за членство со нашата држава. Сето тоа е за победа на политиката на напредок, за мир и пријателство меѓу народите – рече Заев.
Тој посочи дека политичката волја, пријателството и довербата изградена во изминатите месеци, доведоа до денешната седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, каде што го потпишаа Акцискиот план за зајакнување на сеопфатната соработка согласно Договорот од Преспа.
– Кога гледате кон минатото гледате пропуштени прилики, кога ќе погледнете во иднината гледате отворени можности и заеднички интереси. Двата соседа донесоа храбри одлуки со желба за заедништво, а она што изгледаше невозможно денес е реалност – истакна Заев.
Премиерите се договориле до средината на мај да се формира заедничка експертска група за комерцијална употреба на името, терминологијата, брендовите.
– Во месеците наназад стекнав добар пријател. Алексис е мој другар и пријател на нашата земја. Препорачувам сите ние да градиме пријателство со нашиот сосед Грција и со останатите наши соседи – подвлече премиерот Заев.
Заев и Ципрас попладне во Скопје ќе го отворат бизнис форумот на кој ќе учествуваат над 400 стопанственици од двете земји. Се очекува со овој форум да се обноват историски простори што ќе создадат можности за инвестициска, трговска и културна размена.
Премиерите најавија и отворање нов граничен премин меѓу Промахој од грчка страна и Мајден од наша страна кај Кавадарци.