Претседателот на СДСМ, Зоран Заев на вечерашната трибина во Охрид во рамки на претседателската предизборна кампања, рече дека и Блерим Река повикал да се гласа за ЕУ и НАТО, а тоа всушност значи да се гласа за Стево Пендаровски.
– И третиот кандидат рече гласајте за ЕУ и НАТО, апла за Пендаровски. Од другата страна нема ништо, компир, ништо не понудија, Албанците не ги поканија, Бошњаците ги згрешија – рече Заев.
Лидерот на СДСМ се осврна и на пораката испратена до партијата на власт од граѓаните во првиот круг од изборите, најавувајќи кадровски промени, реконструкции, нови решенија.
– Тоа што не чини мора да се менува. Тој што ја имал честа да добие одредена функција има да им служи на граѓаните. А доколку нема енергија, мотивација, ќе има промени…Борбата што ја водевме беше за вредности, кои сега мора ние да ги испорачаме, сега кога се зависи од нас дома – рече тој притоа посочувајќи промени и во одредени кадровски решенија останати од претходната владејачка гарнитура.
За Охрид Заев рече дека веќе се обезбедени милион евра за проектот за реконструкција на Кејот на Охридското Езеро, додека за новоформираното претпријатие за стопанисување со Системот за заштита на езерото се обезбедени 200 милиони денари за почеток на санација на колекторот.
Кандидатот за градоначалник Константин Георгиески пред граѓаните потсети на најкрупните одлуки што било кога биле донесени за поубав Охрид, онаа за отпочнувањето на процесот на раздолжување на општината и формирањето на државното претпријатие што ќе се грижи за функционирањето и одржувањето на Колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро.
– Во изминатите година и половина ги поставивме темелите кончено општината да застане на здрави нозе, за што имавме огромна поддшка од Владата. Решаваме проблеми напластувани со години, за само една година вративме околу 755 милиони денари од долгот. А Охридското Езеро како светско и национално богатство бара грижата за него да биде на највисоко можно ниво – рече Георгиески, најавувајќи бројни проекти за подобрување на условите за живеење во Охрид.