Заев и Реџепи разговарале за проблематичниот статус на училиштата кои пропагираат исламски верски фанатизам и радикализам

420

Проблематичниот статус на училиштата кои пропагираат и учат исламски верски фанатизам и радикализам, била една од темите за кои денеска разговарале премиерот Зоран Заев и Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи на средбата на која присуствувале и претставници на Исламската верска заедница.

На средбата беа разговарани тековните прашања од интерес на ИВЗ, како и проблемите во функционирањето на муфтиствата.

– Беа разгледани можности и перспективи за динамизирање на соработката во следниот период во насока на изнаоѓање на соодветни решенија за преостанатите прашања со денационализацијата на верските имоти на ИВЗ. За оваа верска заедница тема од интерес беа верските образовни институции, со посебна нагласка на проблематичниот статус на училиштата кои пропагираат и учат исламски верски фанатизам и радикализам – соопшти Владата.

Заев ги афирмирал ставовите на Владата за почитувањето на верските потреби и слободи на граѓаните и за подобрување на комуникацијата со верските заедници за заедничко решавање на проблемите и зацврстување на меѓусебната доверба како клучен фактор во градењето заедничко општество.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...