Лидерската средба, како што потврдија за МИА владини извори, ќе почне во 20 часот и ќе се одржи во формат еден плус четири.
Во фокусот на лидерската ќе биде Законот за јавно обвинителство, но Мицкоски синоќа во интервју за Алфа најави дека ќе ја отвори и темата за предвремени парламентарни избори. Од Владата за МИА велат дека главна тема е Законот, а за тоа дали ќе се разговара за предвремени ќе се види на лице место.
Од ВМРО -ДПМНЕ за МИА го потврдија одржувањето на лидерската, но нагласија дека освен за Законот за јавно обвинителство, тема ќе бидат и предвремените избори. Од партијата велат дека темата предвремени избори биле услов за одржување на лидерската.
Заев вчера во пораката за Денот на независноста меѓу другото изрази и увереност дека земјата има капацитет со двотретинско мнозинство да го донесе и Законот за јавно обвинителство.
– Сите случаи и евентуални случаи на криминал и корупција, како во развиените земји, мора да добијат ефикасна, праведна и правична разврска. Тоа го очекуваат граѓаните и со тоа ќе дадеме дополнителни аргументи на ЕУ, дека сме и ние цврсто определени кон правдата и изградбата правна држава – истакна премиерот.
Поради скратените рокови Законот за Јавно обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември. За да биде усвоен потребно е двотретинско мнозинство од пратениците, а неговото носење е клучно и за евроинтеграциите на земјава.
Последната средба на работните групи на власта и опозицијата за законот, која се одржа минатата недела не вроди со суштествен заклучок, а сега се очекува решението да се бара на лидерската средба.