Состојбата во Македонија е повеќе од лоша. Не само што Македонија е во криза туку веќе и се заканува и тотална изолација од страна на земјите од НАТО и ЕУ. А ако тие се откажат тогаш не црно туку најцрно и се пишува на Македонија. Договорот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за надминување на кризата е на нож. Ниту едните ниту другите не попуштаат. Едните, СДСМ велат дека 600.000 гласови, дадени на референдумот, за договорот со Грција и за влез во НАТО и ЕУ не се за потценување. Другите пак, ВМРО-ДПМНЕ , кој отворено беше против референдумот и го бојкотираше, велат дека бидејќи не е постигнат концензус референдумот е мртов. СДСМ нема двотретинско мнозинство, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ги поддржат промените на уставот. Потребни се десетина гласа од пратениците од ВМРО за Македонија да се најде меѓу големите!. Ако сака ВМРО-ДПМНЕ може да ја спаси Македонија. Македонскиот народ, како и многу пати досега, никогаш таа добрина нема да му ја заборави.
Решението го гледаат во предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ ги дочека своите пет минути. Уценува. Бара Пржинска влада, оставка на јавниот обвинител и назначување на нов по нивни предлог и да се формира анкетна комисија која ќе ги испита неправилностите при референдумот. СДСМ не прифаќа вакви уцени. Ниту Заев ниту пак Мицковски не попуштаат. А решение , не за Заев или Мицковски, туку за Македонија и македонскиот народ има само ако седнат двајцата лидери и направат договор. Во ова време невреме дали и Заев и Мицковски знаат што би било ако Македонија биде блокирана!?. Дали знае народецов што тогаш го чека. Ако „секнат“ парите од Европа, ќе запре изградбата на многу објекти. Меѓународниот фонд ако рече нема повеќе кредити од каде пари за пензионерите, за стечајците, за здравството, образованието и за сите други!. Ако рече да се вратат кредитите, тогаш каде ќе оди Македонија!?. Најлошо од се би било ако ни ги затворат границите!. Дали навистина знаат и Заев и Мицковски што ќе биде со една таква изолирана Македонија!.
Многумина, особено оние кои не сакаат Македонија да влезе во НАТО и ЕУ, велеа дека можеме и сами. Сме опстојувале и пак ќе опстоиме!?. Името не го менуваме!. Некои од нив рекоа дека ваков договор со Грција Македонија немала во последниве дваесет и седум години. Но, неможе името да се промени.И така едните едно, другите друго. Македонија се најде во бездна. „Нагоре високо надолу длабоко!“, што вели народот. Десетина гласа решаваат се. Но, ВМРО кори нешто друго. Дали со уцените ќе бара амнестија за својот довчерешен водач и тајфата околу него!?. Дали „наредбите“ и понатаму не идат од „вождот“!?. Многу прашања остануваат без одговор.
Ако и Мицковски и Заев ја сакаат Македонија тогаш и двајцата нека седнат и нека најдат најдобро решение. Нека најдат компромис. Доста со инат зашто тој наш македонски инат не доведе до ова „дереџе“. Зар не е доста Македонецот на Македонецот да му биде најголем непријател!?. И Македонецот од Македонец да страда!. Доста ни се ситат комшиите кои како „лешинари“ чекаат Македонија повторно да ја делат и за навек да и го сотрат коренот!.