Заев и Касами ја договорија првата македонско-албанска предизборна коалиција

2498

Договорот за првата предизборна македонско-албанска коалиција за парламентарни избори денеска точно напладне ќе го потпишат лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Билал Касами, потврди за Плусинфо висок функционер на Беса.

Документот ќе биде потпишан во 12 часот во Музејот на современа уметност.

Договорено е Билал Касами да биде носител на заедничката пратеничка листа за Шестата изборна единица, а според информации од партијата на Касами, Беса ќе има добитни позиции и на листите за „единицата“, „двојката“ и за „петката“.

– Целата математика при договарањето за заеднички настап на изборите на СДСМ и на Беса е да се освои 61 пратеник, односно Заев да добие чист мандат за премиер – вели функционерот на Беса.

Договорено е на изборите да настапат со унифицирана програма која ќе понуди реални проекти за граѓаните.

Плусинфо веќе објави дека Заев и Касами ќе бидат првите лидери на партии кои во плурална Македонија ќе настапат со предизборна коалиција на парламентарни избори.

Претходно Беса не успеа да се договори за заеднички настап на изборите со Алијансата за Албанците и со Алтернатива. Партиите на Зијадин Села и на Африм Гаши минатата недела потпишаа договор за предизборна коалиција.

Неизвесно е дали ДПА на Мендух Тачи ќе стане дел од коалицијата помеѓу Заев и Касами, со оглед на барањата на Тачи за вицепремиер и ДУИ да не биде дел од новата влада.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...