Со државното и албанското знаме како и знамињата на ЕУ и на НАТО, лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Билал Касами ја потпишаа декларацијата за заеднички настап на предвремените парламентарни избори кои ќе се оддржат на 12 април.
Прв пат во историјата на независна Македонија се постигна предизборна коалиција меѓу партии на Македонците и на Албанците.
СДСМ и Беса се залагаат за негување и почитување на правата на сите етничките заедници, развој, создавање подобри услови за сите граѓани за да ја градат својата иднина овде, за борба проти корупцијата и праведно судство, а интеграцијата во ЕУ останува единствена опција.
– Нашето општество се менува на подобро. Времето на поделби заминува во историјата. Моноетничкиот концепт кога партиите се обраќаат само на своите е поразен. Во 2016 година СДСМ на изборите привлече десетици илјади албански гласови. Но ова денес е посебен чин, ова е историја. Нашата визија е Северна Македонија, економска силна и стабилна држава и членка на ЕУ и НАТО. Движењето БЕСА е првата албанска партија, која го надмина амортизираниот концепт – етничките гласови да се употребуваат како бројка за постизборни калкулации за учество во владини коалиции – рече Заев во обраќањето по потпишувањето на договорот за коалиција.
Тој на партиите од албанскиот блок им порача дека како победничка коалиција нема да дозволат да бидат уценувани со непринципиелни барања.
– Оние кои ќе сакаат да ни се приклучат ќе треба да ја почитуваат нашата програма – рече Заев.
Заев вели дека тие се сигурни победници на 12 април.
– И тоа секому му е јасно, оваа коалиција на 12 април ќе освои сериозно и сигурно мнозинство за формирање влада. Тоа е јасно и на нас и на нашите политички опоненти – рече Заев.
Како моше важен историски ден за сите граѓани на Македонија го оцени Касами денешното потпишување на предизборната коалиција.
– Денеска е важен и историски ден за сите граѓани на Република Северна Македонија. За прв пат во нашата историја, Албанците градат вистинско партнерство со владејачката партија, и тоа како целосен и рамноправен партнер да одлучуваат заедно за иднината на нашата земја – рече лидерот на БЕСА.