Заев и Касами попладнево ќе ги усогласуваат деталите за предизборната коалиција

775

Лидерите Зоран Заев и Билал Касами попладнево на средба се очекува да прецизираат дали СДСМ и Беса ќе бидат двете партии кои ќе ја официјализираат првата македонско-албанска предизборна коалиција за парламентарните избори на 12 април.

Средбата Заев-Касами за Плусинфо ја потврди висок функционер на Беса. Лидерскиот состанок следува по средбите на претставниците од двете партии на пониско ниво. Според најавите, на попладневниот состанок се очекува Заев и Касами да се усогласат околу, како што вели нашиот извор, за ситни детали пред првата предизборна македонско-албанска коалиција да биде и официјализирана.

Како што веќе објавивме, начелен договор за коалиција помеѓу СДСМ и Беса бил постигнат викендов во разговори на високи партиски функционери од двете партии.

Според информациите, кај двете партии има согласност за соработка и проценката на власта е дека предизборната коалиција помеѓу СДСМ и коалицијата и Беса е победничката опција која на Заев би му донела чист премиерски мандат, односно најмалку 61 пратенички мандат.

Според Беса, за СДСМ начелно е прифатливо Касами да биде носител на Шестата изборна единица, како и добитни места на листите во останатите изборни единици.

Доколку СДСМ и Беса се договорат за заеднички предизборен настап, неизвесно е дали и партијата на Мендух Тачи ќе биде дел од коалицијата со оглед на испорачаните услови до Заев, Тачи да биде вицепремиер и во новата влада да не биде партијата на Али Ахмети.

Коалицијата помеѓу СДСМ и Беса, ќе дојде откако Касами испадна од игра за трипартиска коалиција помеѓу Алијансата за Албанците, Алтернатива и Беса, која се најавуваше како добитна комбинација за уривање на ДУИ на Али Ахмети.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...