Заев и Димитров ќе го информираат Иванов за договорот со Грција

Сѐ уште нема потврда за средбата на двајцата премиери, која можеби ќе се одржи викендов во Преспа и на која треба да го потпишат договорот.

254

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во 10 часот на заедничка средба во вилата „Водно“ ќе го информираат претседателот Ѓорге Иванов за постигнатиот договор со Грција за спорот за името.

Република Северна Македонија, ерга омнес, амандман во Уставот и постепено воведување на новото име во внатрешноста на земјата, зачувување на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, е содржано во договорот, кој вчера во телефонскиот разговор го потврдија премиерите на Македонија и Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, а потоа и ја информираа јавноста во своите земји за постигнатото во обидите да се стави крај на 25-деценискиот спор.

Сега се очекува средбата на двајцата премиери, која можеби ќе се одржи викендов во Преспа и на која треба да го потпишат договор, но официјална потврда за средбата сѐ уште нема. Договорот го поздравија сите високи претставници на меѓународната заедница, а високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини најави дека ќе дојде на неговото потпишување.

Ципрас вчера веднаш по разговорот со Заев ги брифираше претседателот Прокопис Павлопулос и лидерите на политичките партии, а Заев телефонски го информираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...