Овие редови, од оној што ќе смогне време да ги прочита, нека бидат сфатени и толкувани како ненаметлива перцепција. Немаат зла тенденција, туку го „злоупотребувам,, уставното право на граѓанин за слободно изразување на личната мисла, без разлика дали некој во неа ќе најде тежина на нормална, логична зрелост. или од прва ќе ја отфрли, зашто едноставно не е вклоплива и прифатлива со ставовите од неговата ментална ризница. На што најмалку инсистирам.
Сржта на мислата ќе ја ,,испукам,, од прва. Без заобиколувања и замаглувања. Ќе го напишам тоа што го мислам, со сета почит кон зборот, кој за мене никогаш не бил третиран како потрошно добро, со кое се купува нечија сомилост или блаженост.
Зоран Заев е премиерот кого не би го менувал со никој друг. Не би го трампал за никаков Трамп.
Да бидеме начисто, пишувам при здрав разум. Чиста совест. Не сум конзумирал алкохол со висока степенажа последните 24 часа. Не земам седативи за успокојување на инаку мојата од раѓање црта на непомирливост во ,,комуњарскиот,, карактер, како што некоја дечурлана милува да ја одредуваа состојбите на духот на мојата генерација, сакал некој или не, со завидна старосна, а секако и морална тежина.
Дури не е ни можно да се прави паралела меѓу Заев и било кој друг од неговите претходници, кои последниве три децении, пропарадираа како истрошени дустабанлиски манекени на пистата од македонската политичка сцена.
Вие што го изживеавте и ви се врежа за подолго паметење тој тридецениски исечок од нашето независно постоење како држава, обидете се да направите некаков рекапитулар. На кој врв не искачија. Сизифофски се обидуваме да го совладаме ова подножје, кое не е само балканско, гледано од кој аспект сакате – економски, социјален, политички, здравствен, образовен. И зарем нема да речете – каде бевме и каде се стрмоглавивме. И тоа само за три децении.
Сите, до последниот пред Заев, ни продаваа магли. Не хранеа со илузионизми. Ни приредуваа спектакли од малограѓански формати. Не опсипуваа со лажен шарм на политички великани. Требаше да ги доживуваме како месии, а се осведочија како наше непростиво кадровско промашување.
На народот му беше земено народното, според некој до дегенерисаност испревртен принцип. Од апаши преку ноќ беа инкубирани тајкуни, уникатен економски геноцид кој ја воведе на голема врата тридецениската голгота на македонската сиромаштија и го предизвика индустрискиот колапс. Изживеавме период на владеење на типови со дрзок анационален профил, кои ги сомничеа до негирање нашите етнички белези, националната историја, јазикот, културата, фолклорот. Потоа, повторно поради нашата дремливост, неодговорност и несериозност, низ владините кабинети ни продефилираа премиери со волунтаристички капацитет. Со неодговорно, та дури со шарлатанско поведение. И дозволивме, како кулминација на нашата индиферентност и отсуство на елементарна култност кон државата и заветните пораки на нашите претци, нејзините творци, една цела деценија со неа да владеат мафиози. Да заседне една до ступидни размери криминогена политичка структура, која народот го фрли во безнадеж, ограбувајќи го и осиромашувајќи го до невидени светски рамки.
Инсталирајќи систем со разнебитени и искорумпирани институции, со што се обидоа друри да го деформираат и нашиот милениумски создаван етнички и генетски профил.
Затоа, господо, јас го преферирам Заев, кој, ќе простите, не може преку ноќ да ги совлада законите на природата. На физиката. Да ги извади од жарот на нашата зовриеност, речиси голорак, сите врели костени. Да го исчисти тоа што оние пред него душмански го испоганија. И се уште дрско се обидуваат да го доизбербатат образот на државата.
Од овој наш политички, социјален, културен, морален, етички и духовен мозаик, откорнати се многу драгоцени каменчиња. Ние сме тие што сакале или не, врз себе го имаме долгот да ги надоместиме. Искрено верувам дека и Зоран Заев го сака тоа!