Заев и Брнабиќ: Институционален одговор за лажните вести

Треба да се прави разлика меѓу критичкото новинарство и лажната вест. Одговор на лажните вести е вистината, многукратно повторување на вистината, рече Заев.

347

Лажните вести се нешто со кое политичарите ширум светот ќе мора да се справат и да побараат заеднички институционален одговор, се согласија денеска премиерите на Македонија и Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, на прес конференцијата во македонската влада.

– Феноменот на лажни вести е феномен за кој зборува целиот свет. Тоа е феномен на современите медиуми и начин на комуникација на социјалните мрежи. Тие ни одземаат многу време, многу енергија и секогаш имате дилема дали да се справите со нив или да работите во интерес на граѓаните. Се трудиме да се фокусираме на конкретни работи и проекти за подобрување на конкретни работи од животот на нашите граѓани. Сѐ додека имаме голем број проекти тоа дава што подобра слика за меѓусебните односи. Лажните вести се нешто што и ние политичарите ширум светот ќе мора да се справиме со нив и да побараме заеднички институционален одговор – рече Брнабиќ одговарајќи на новинарско прашање во врска со пишувањата за случајот „Рекет“ во српските таблоиди.

Премиерот Заев нагласи дека нема да дозволат одредени лажни вести и медиуми да ги нарушат добрите меѓусоседски односи меѓу Македонија и Србија.

– Нашата земја, оваа влада и јас лично, сме целосно определени на градење добри билатерални односи. Нашите односи отсекогаш биле добри. Сигурно нема да дозволиме одредени лажни вести и медиуми да ги нарушат. Нашите односи се добри и ќе бидат добри, зашто нашите народи се поврзани. И на мене тешко ми паѓа ова. Се обидуваме низ вистината да ги дадеме одговорите на овие прашања. Светот има голем проблем со лажните вести и ќе мора да најдеме институционален одговор на овие лажни вести. Треба да се прави разлика меѓу критичкото новинарство и лажната вест. Одговор на лажните вести е вистината, многукратно повторување на вистината – рече Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...