Владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети ќе се обидат да најдат заедничка личност за кандидат за претседател на државата. Ова е епилогот од денешната средба помеѓу двајцата лидери која се оддржа во Клубот на пратениците.
Заев по средбата изјави дека таа личност треба да ги претставува сите граѓани во Република Северна Македонија со што ќе се прати порака за едно општество за сите. Тој најави дека партиските органи во наредните денови ќе ги продолжат консултациите за можноста за зеднички претседателски кандидат.
– Станува збор за вредна шанса, што можеби ќе успее, а можеби не – рече Заев.
Тој повтори дека нема да се кандидира за шеф на државата. Прашан кои се можните кандидати на СДСМ, Заев кажа дека од десеттина имиња кои се спомнуваат во јавноста, пет се фаворити. Заев најави дека поконкретни информации ќе се знаат во наредните денови.
Ахмети, пак, изјави дека одлуките што ќе се носат треба да бидат во корист на државата, мнозинството граѓани и на партиите. Тој потврди дека разговорите продолжуваат на ниво на организациски секретари.
Лидерот на ДУИ не одговори дали би го поддржал Заев за претседател на државата. Тој рече дека не е добро лидер на политичка партија да стане претедател.
Прашан за Никола Димитров, лидерот на ДУИ кажа дека не сака сега да се изјаснува за имиња, оти се прават анкети кои треба да дадат поконкретни сознанија. Ахмети нагласи дека и тој нема да се кандидира за шеф на државата.
По средбата со Ахмети, Заев најави разговори и со другите политички партии од и надвор од владината коалиција.