Владината реконструкција ќе биде на маса пред премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети кон крајот на идната недела, потврди за Плусинфо висок владин функционер. На средбата владините партнери ќе треба да прецизираат кој од вицепремиерите и министрите повеќе нема да бидат дел од Илинденска.
Според функционерот, сѐ уште не се знае колкумина од владиниот кабинет ќе бидат сменети. Засега нема потврда за евентуални рокади на ресорите помеѓу владините партнери.
Освен со Ахмети, Заев ќе има уште една средба и со претседателот на Алтернатива Африм Гаши за да се прецизира наследникот на Асаф Адеми во министерското столче за Kултура.
Иако веќе на големо се лицитира со имиња на министри кои ќе бидат опфатени од метлата на Заев, засега е извесно само дека нови лица ќе седнат во Kултура и во новото Mинистерство за политички систем, откако вицепремиерот Хазби Лика ќе замине во историјата заедно со Секретаријатот за Рамковниот договор.
Засега нема потврда дали Заев ќе се сретне и со лидерот на ДПА Мендух Тачи и дали ќе има промена на функционери на ДПА во Владата.
Премиерот веќе најави дека освен министри, заменици министри, државни секретари и директори, проветрување ќе има и на локално ниво, но и во партиското раководство. Според функционери од СДСМ, најмалку двајца градоначалници од скопските општини најверојатно ќе си поднесат оставки и тоа на Аеродром и на Кисела Вода, како и неколку од помалите општини. Се очекува и промена на најмалку двајца од врвот на СДСМ.
Промени ќе има и во партијата на Али Ахмети, брифираат високи функционери на ДУИ. И таму се очекува освен Лика, од Илинденска да се збогуваат уште двајца министри. Веќе објавивме дека анализите за сработеното на кадрите на ДУИ во Владата покажале дека нема ресор во кој не потфрлиле, но дека од Ахмети ќе зависи кој ќе биде сменет.
Реконструкцијата на Владата најверојатно ќе биде во почетокот на јуни, кога треба да почне да функционира новото Министерство за политички систем.