Светскиот ден на културната разноличност за дијалог и развој – не потсетува дека не треба да зборуваме за културни разлики што не делат едни со други, туку дека треба да зборуваме за културна разноличност која ни дарува сила од глобални размери, која може да биде од корист на целото човештво, истакна премиерот и додаде дека ова е ден за порака дека интеркултурниот дијалог е најдобрата гаранција за мирен, праведен и одржлив свет на културна разноличност, изјави премиерот Зоран Заев, кој вечерва присуствуваше на настан организиран од Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, по повод одбележување Светски ден на културната разноличност за дијалог и развој, којшто е прогласен на 21 мај од Обединетите нации и УНЕСКО.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, настанот го отвори директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, кој нагласи дека оваа манифестација ги заокружува активностите реализирани во рамки на „Неделата на заедничка молитва“, реализирана од 13 – 21 мај со цел да се поттикне соработката и дијалогот меѓу верските заедници, за стабилен и одржлив процес на градење доверба, пријателство и општество на вистински човекови вредности, на соживот и напредок.
Премиерот Зоран Заев испрати порака дека културната разноличност е од корист за целото човештво.
Според него, културната разноличност е инспирација и мотивација за креативноста како инвестиција за промени за подобри општествата, општества со хуман, човечки лик.
-Инвестицијата и должноста на нашето општество е да ги развиваме образованието и меѓукултурните вештини кај младите луѓе за да ја одржиме разноличноста на нашата земја и да научиме да живееме заедно со разноличноста на нашите јазици, култури и религии, за да ја градиме нашата инвестиција создадена токму од разноличноста на културите и традициите на народите на нашата земја – инвестицијата Едно општество за сите, рече Заев.
Тој истакна дека Светскиот ден за културна разновидност за дијалог и развој ни дава можност да го продлабочиме нашето разбирање на вредностите на културната разноличност и да научиме да живееме заедно како едно семејство што дели заеднички вредности.
-Треба безрезервно да прифатиме дека секој од нас има шанса да направи нешто за разноличноста и инклузивноста да станат алатки за дијалог и разбирање, за мирот и безбедноста, како неопходни за одржливиот развој на нашата заедница, рече премиерот.
Истакна дека прашање на нашата иднина е да ја интегрираме културата на сите наши заедници во сите наши развојни принципи. -Особено, потенцира, оние поврзани со младинските прашања, како што се образованието, јавното здравје и животната средина, како наш придонес за развојот на хармонично општество со сите разлики, рече премиерот.
На одбележувањето присуствуваа претставници на државни институции и граѓанскиот сектор, како и сите претставници на верските заедници во РСМ.