Премиерот Зоран Заев трета година по ред, а втора како премиер на Република Македонија, денеска ја доби наградата Златна плакета за европска личност на годината.
Тој е во работна посета на Сараево од попладнето на покана на Агенцијата за избор на нај менаџер во БИХ, Југоисточна и Средна Европа и на Европското здружение на менаџери.
Премиерот Заев соопшти дека годинешната плакета за европска личност на годината, ја посветува на сите негови колеги од регионот, премиерите од Босна и Хецеговина, Црна Гора, Албанија, Србија, Косово, на премиерите од Бугарија и од Грција, како и на граѓаните на сите овие држави.
– Причина за тоа е тоа што лидерите од регионот и граѓаните заедно покажаа лидерство за добра сегашност и добра иднина, а само преку тоа заедништво и соработка, стана возможно да се постават мостовите меѓу нас во регионот и мостовите меѓу нашиот регион и Европа. Оваа 2018 година, Република Македонија доби датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ, очекуваме и покана за членство во НАТО, за неколку дена. Оваа година се отворија перспективи и за регионот. Воспоставивме регионална интензивна, искрена и пријателска регионална соработка и испративме порака дека решение за секој билатерален спор има, ако има политичка волја. ЕУ и НАТО освен политичка, се и економска стабилност и лидерите, граѓаните и државите од регионот треба да продолжат да работат заедно – рече премиерот Заев.