Заев им пиша на премиерите во ЕУ: Поддржете преговори, заслуживме

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, пишува во писмото.

862

Премиерот Зоран Заев упати писма до премиерите на земјите членки на Европската Унија во кое ги повикува своите колеги да поддржат одлука за старт за пристапни преговори на Република Македонија со Европската унија со временска рамка на процесот, како одлука заснована на заслуги, и како одлука која е одамна заслужена, информираа од Владата.

Заев во писмото ги известил премиерите за постигнатиот Договор за решавање на разликата околу името и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.

„Договорот претставува историска можност за надминување на спорот што ги оптоварува односите меѓу двата соседи повеќе од 25 години, и го попречуваше нашиот пат кон евро-евроатланска интеграција“, напишал премиерот.

Тој во писмото им ги опишал и чекорите што треба да се преземат за да се обезбеди стапувањето во сила на договорот, и ги информирал дека веќе Договорот е ратификвуван во Собранието, по што следува известување од страна на Република Грција до ЕУ дека  таа го поддржува отворањето на пристапните преговори за нашата земја, како и поканата за членство во НАТО.

Заев во писмото напишал и оти на есен ќе биде одржан референдум за поддршка на договорот, по што ќе следи и спроведувањето на постапката за уставни промени.

„За да се обезбеди реализацијата на договорот и потенцијалните придобивки од него за двете земји, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа како целина, од огромно значење е политичката поддршка на земјите-членки на ЕУ, за да ја потврдат со конкретни мерки стратегиската визија за европската иднина на мојата земја и целиот регион“, истакнал премиерот.

Со таквата одлука, напишал Заев, ќе биде оддадено признание за евидентните реформски процеси и ќе го олесни понатамошното продлабочување на реформскиот импулс. Покрај тоа, таквата одлука ќе има пресуден придонес во создавањето на неопходната позитивна клима за успешно завршување на секој од чекорите предвидени во Договорот за да спроведе деликатно избалансираниот компромис за решавање на долготрајниот и комплексен спор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...