Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претставници на Младите европски социјалисти (Youth European Socialists – YES), со кои разговараше за младинските политики, за идните цели и мерки за подобрување на животниот стандард на младите.
Како што соопшти владината прес-служба, заедно со домаќините од Социјал-демократската младина на Македонија, на средбата со премиерот Заев учествуваа членови од Президиумот на YES кои доаѓаат од различни европски држави. На неформалната дружба и дискусија премиерот Заев потсети дека една од главните задачи на Владата е да ги врати младите професионалци во земјата, за да придонесат кон пристапување во Европската Унија и да ја трансформираат Македонија во модерна и просперитетна земја.
– Остануваме посветени на енергијата на младите и ги поддржуваме во секој поглед. Нивните амбиции да ги споделат новите вредности можат да бидат придонес кон Европа, кон која сите ние се стремиме, како еден од највлијателните фактори на глобално ниво – истакна Заев.
Објаснувајќи ја потребата за следење на европските младински политики и отворање на можностите за младите луѓе во Македонија, премиерот Заев, ја издвои младинската гаранција како една од активните мерки за вработување на младите, чие воведување ја прави Македонија единствената земја во регионот што не е членка на ЕУ да ја имплементираа оваа мерка.
Во областа на образованието, премиерот Заев ги истакна преземените мерки со цел создавање квалитетно образование, кое им дава активно знаење и практични вештини, со кои младите, рече, ќе придонесат кон личен професионален и севкупен развој на општеството.
– Создаваме нов модел на образование и на организирање на учениците и студентите, со што ја враќаме моќта на учениците и ја зацврстуваме автономијата на универзитетите – рече премиерот Заев на средбата со младите социјалисти и социјал-демократи.
Прашан за регионалната политичка ситуација и улогата на Македонија во регионалната политика, премиерот Заев рече дека Преспанскиот договор донесе нова реалност во регионот на Западниот Балкан.
– Ние повеќе не може да игнорираме дека живееме во свет во кој сме насочени еден кон друг. Реално е дека ние мораме заеднички да ги градиме темелите на взаемно пријателство и взаемни напори за владеење на демократијата, мирот и просперитетот во нашите земји и во регионот. Нашиот регион е дел од европските заеднички вредности – истакна Заев.