Лани 2017 година ја завршивме со 83 проценти реализација благодарение на тоа што го плативме долгот. Но, како нова влада не затекнавме проекти. Сега имаме проектна документација, имаме спроведени тендери и токму тоа е причината за нашиот оптимизам дека ќе се раздвижи состојбата, рече премиерот Зоран Заев како одговор на неколку прашања што му ги постави пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Владимир Ѓорчев на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања
Премиерот Заев потенцирајќи дека нема да ги повторува тезите за тоа што затекнале и каде се движат во овој период од година и пет месеци, истакна дека капиталните инвестиции се 390 милионии евра во Буџетот во РМ од кои 23 милијарди и 500 милиони денари предвидени во буџетот, 12 милијарди денари се кредити, што се однесуваат на железниците и на гасификацијата, а останатите безмалку 200 милиони евра се изворни буџетски приходи.
Во севкупните капитални инвестиции, појасни, со најголем процент учествуваат железниците, гасификацијата и патиштата, а после тоа се училиштата, детските градинки, водоводите, амбулантите, одредени административни згради на МВР, на одбраната, од областа на културата……
Според претседателот на Владата, во железницата конечно се одблокирани процесите.
– Од 2014 година првата фаза од железницата е застаната со конкретни причини, проектните документации. Се одржаа преку 50 состаноци со Европската банка за обнова и развој, со Македонски железници и инфраструктура, со потпретседателот на Владата за економски прашања, со министерот за транспорт и врски и конечно се гради. Денеска се отворени понудите од сите понудувачи за втората фаза, каде што ни е грантот од 70 милиони евра. Верувам дека откочувањето на проектот и севкупната реализација односно изградбата на железничките пруги ќе биде доволен мотив и причина за раст на капиталните инвестиции во тој дел- појасни Заев.
Тој информира дека за изградбата на патишта, пред се, на регионалните и магистрални има зголемување од 22 проценти. Овде, истакна Заев, има сериозно раздвижување на капиталните инвестиции.
Во делот на помалите капитални проекти, подвлече премиерот Заев, реализацијата е најмногу застаната заради немање проектна изготвена докуменатација.
– Во владата имаме преку 100 проекти за водовод и канализациии што се градат, веќе се обезбедени дополнителни 55 милиони евра, 12 милиони евра имаме неискористени средства за да можеме да го забрзаме тој дел на изградбата на капиталните инвестици. Триесет милиони евра добивме за ран детски развој од Светска банка и дополнителните наши буџетски средства на готови документации, ќе продолжи изградбата и на детските градинки, вели Заев.
Премиерот повтори дека недоволната проектна докуменатација и нерешени имотно-правни односи се најголема пречка и изрази уверување дека ќе расте процентот на капиталните инвестиции.
– Севкупните инвестиции во Македонија се задоволителни, но сакаме да ги има уште повеќе. Правејќи паралела со последните три година тие се за 205 посто поголеми. Во првото полугодие од 2018 година странските инвестиции се 327 милиони евра. Домашните инвестиции се зголемени од 12 до 17 проценти зависи за кој квартал правиме споредба. Сето тоа е индикатор дека економијата заживува. Знам дека со поголем процент на реализација на капиталните инвестиции ќе и помогнеме на економијата да заживее и очекувам до последниот месец до 31 декември, имплементацијата и реализацијата на капиталните инвестиции да биде голема затоа што таа се мери со исплатените пари во Буџетот, образложи премиерот Заев.
Тој посочи дека непосредно пред собраниската седница за пратенички прашања индикаторите покажале подобрување за едно место за Дуинг бизнис од 11 на 10 место.
– Истовремено во ребалансот на буџетот го корегиравме БДП од 3,2 на 2,7 проценти, но имавме 3, 1 процент раст во вториот квартал и чекаме статистика да го објави третиот и четвртиот квартал заради тоа што излегуваме конечно од кризата. Очекувам како Македонија се по извесно се интегрира во ЕУ и во НАТО, толку да биде храброста на домашните и на странските инвеститори уште поголема за инвестирање, рече претседателот на Владата на РМ.
Според него, долгот од 48 проценти е стабилен долг. Затекнавме долг од 47,9 проценти, рече, а 48, 2 е во моментот и се движиме во правец каде што државтаа не се задолжува за непродуктивни трошења.
Премиерот оцени дека генерално слаб е развојот во делот на градежништвото и ниско и високо градба.