Заев: Имаме европски стандарди за бизнис

407

Паралелно со политичките реформи, зајакнувањето на институциите и целосната демократизацијата на земјата, Северна Македонија влезе посветено во создавање услови за економски раст и во создавање на поволна клима за привлекување на интересот на странските инвеститори, како и на поддршка на домашните компании со својот развој, да учествуваат во развојот на земјата.

Ова вечерва го порача премиерот Зоран Заев, кој со вицепремиерот Кочо Анѓушев,  учествуваа на свечениот годишен прием на Здружението за Источна Европа на германското стопанство во Берлин.

– Пред 10 дена добивме уште една, овој пат безусловна препорака за старт на преговорите по поглавјата со ЕУ. Заедно со процесот за членство во НАТО, признанијата се однесуваат и на нашите политички остварувања во добрососедската политика. Северна Македонија нема отворени прашања со соседите, а храбрите одлуки се наградени со признанието дека ние сме блескав пример во регионот – истакна Заев.

Премиерот рече дека Северна Македонија сега со право ја очекува позитивната одлука од Европскиот Совет за почеток на преговорите со ЕУ по поглавја, и дека секое друго решение негативно ќе се одрази на политичката ситуација во земјата и во регионот, и ќе го охрабри влијанието и интересот на трети страни во регионот.

Тој нагласи дека одлагањето на позитивна одлука за Северна Македонија од ЕУ, ќе ги забави реформите и ќе влијае негативно на економските трендови кои во последните две години добија нагорна линија.

– Владата на Северна Македонија ја прогласи 2019 година, за година на економијата и веќе постигна одлични резултати за да го потврди тоа. Минатата година ја завршивме со рекордни директни странски инвестиции во висина од 624.5 милиони евра. Во првиот квартал земјата постигна раст на БДП од 4,1%, за разлика од истиот квартал пред две години кога земјата беше во рецесија. Се отвораат нови работни места, а невработеноста за две години од 23% падна на 17,8% – ги информираше Заев претставниците на германските компании од Здружението за Источна Европа на германското стопанство.

Заев додаде дека двесте компании со германски капитал вработуваат 20 илјади граѓани, тоа е доказ дека нашата земја има европски стандарди за бизнис, и дека самите германски компании во земјата се препорака за охрабрување на интересот на другите бизнисмени да инвестираат во Северна Македонија.

Заев укажа и на потенцијалите што лежат и во регионалната соработка и поврзување, како можност за економски проекти.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...