Заев, Иванов и Џафери го честитаа Велигден

165

Државниот врв на Република Македонија, премиерот Зоран Заев, претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на Собранието Талат Џафери ги упатија своите честитки по повод големиот христијански празник Велигден.

Заев го честиташе празникот на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, на Синодот, свештенството на МПЦ и на сите православни христијани.

„Овој голем празник не повикува да ја отвориме нашата волја и да се усовршуваме како луѓе и личности имајќи го предвид подвигот на Исус Христос и да ги чуваме душата и телото чисти, за да не бидеме задушени во мракот на невоздржувањето. Бидејќи, најголем пријател на верата и на луѓето можат да бидат токму воздржувањето и одговорноста. Тие човечки вредности можат со сигурност да ги ослободат, да ги зајакнат, да ги осилат душата и духот“, се вели во честитката.

Со благодатта на распнатиот и воскреснатиот Христос, како што се наведува, во овие Велики денови, на сите православни христијани да Ви го честитам Воскресението Христово и нека биде за многаја лета.

Прмиерот Заев по повод празникот упати писмо со честитки и до Црковното претставништво и верниците на Евангелско-методистичката црква во Македонија.

И претседатеот Иванов упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија.

„Денот на Воскресението Христово – Велигден е најголемиот христијански празник. Овој светол ден е темелот на нашата вера. Се вели дека преку Христос, Бог се стави на наше место. Благодарение на Божјата саможртва на крстот, Божјата љубов кон човештвото победи над Божјиот гнев. Свесни дека таа цена е платена за секој човек независно од разликите што со себе ги носи, наша должност е да се однесуваме кон секој човек во согласност со неотуѓивото човечко достоинство“, се вели во честитката.

Како што големото помирување меѓу Бог и човештвото е основа за надежта во победата на животот над смртта, се посочува во честитката, така и помирувањето во македонското општество треба да биде обновување на посветеноста кон нашата заедничка иднина.

„И со таква увереност да ја градиме нашата единствена заедничка татковина Република Македонија. Честитајќи Ви го најголемиот празник, Велигден, Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, мир и спокој. Христос Восресна! Навистина Воскресна!“, стои во честитката од Иванов.

Џафери во честиката повика на соживот.

„Ви посакувам добро здравје, благосостојба и духовен мир, а бидејќи Велигден е празник на семејството и ближните, на сите верници им посакувам топлина во домот, лична среќа и љубов до своите ближни и до секој човек. Апелирам заеднички да побараме разбирање, почит и човекољубие меѓу сите нас кои живееме во Република Македонија, без разлика на верската или етничката припадност“, се вели во честитката.

Водени од оваа верба, се посочува, треба да ги продолжиме воспоставените вредности во Република Македонија, почитување на верските различности и на религиозните посебности, афирмирајќи ги човечноста и начелата за мир и заедништво.

„Соживотот и религиското почитување се традиционални вредности меѓу сите граѓани, а наша должност е тие вредности да ги зачуваме и надградуваме. Честит Велигден и за многу години!“, стои во честитката од Џафери.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...