Заев за претседател!

Зад конституирањето на рејтингот на Заев стои една мултиетничка база, што него, во моментов, го чини најдобар консензуален кандидат на етничките Македонци и Албанци во државава.

4964

Сите околности укажуваат на тоа дека Зоран Заев нема да може да ја избегне сопствената кандидатура за претседателските избори идната година. Причините за тоа се многубројни и секоја се чини подобра од претходната…

Прво, најочигледната: Заев како политичар доминира на македонската политичка сцена на начин што никој од неговото окружување, од сегашната опозиција или од светот вон партиските математики не поседува јавен рејтинг што може да му конкурира на неговиот. Тој рејтинг, сам по себе, не е фасцинантен, ниту е од величината на „татко на нацијата“, но неговата сенка е доволно долга за да ги поклопи сите предвидливи конкуренти.

За неколку месеци, кога ќе се случи претседателската трка, неговата популарност ќе го достигне врвот, колку и да е висок тој, бидејќи ќе се совпадне со ефектуирањето на Преспанскиот договор и меѓународните пофалби што ќе бидат испорачани на таа сметка. Кандидирањето, заедно со грчкиот премиер Ципрас, за Нобеловата награда за мир за 2019 година, е сублимат на ваквиот развој на настаните. А шансите на Ципрас и Заев за таа награда да влезат во сериозна конкуренција – доколку договореното во Преспа навистина и се испорача – воопшто не се за потценување.

Зад конституирањето на рејтингот на Заев стои една мултиетничка база, што него, во моментов, го чини најдобар консензуален кандидат на етничките Македонци и Албанци во државава. Дури ни ДУИ ова не ќе може да го порекне, на страна бенефитот од ефикасното тргање на Заев во идните меѓупартиски парламентарни натпревари, што за ДУИ има една непријатна, блиска историја.

Од друга страна, гласовите на кои не може да смета Заев се избројани и тие се движат по хоризонтот на познатите калкулации на партиските членства и симпатизери. Со оваа безвезна антивладина кампања за „црнила“ на ВМРО-ДПМНЕ, што веројатно инертно ќе продолжи и во идната година, како и со „аманетот“ од владеењата на Иванов и Груевски (со здравје да си го носите тој аманет, за многу години вмровци, каде и да сте!), кој било нивен кандидат нема да може да се надева ни на пристоен пораз во претседателската трка.

Заев сигурно има изгубено поддршка кај неопределените и политички посвесни граѓани во урбаните средини (Скопје, пред сè), но тоа лесно ќе го компензира со „исплакнатите“ заложби за национални помирувања и, воопшто, со попските апели за сенароден мир и милост, чија леплива „кандилска“ моќ не треба да се потцени кај широките народни слоеви кои ги презираат интелектуалните и граѓанските елити. Во гласачка смисла, јасно е кој од овие општествени стратуми во Македонија е поброен.

Не треба да се потценат ни практичните причини зад таквата одлука. Заев не покажува вонсериски технократски способности за успешно раководење со еден систем каков што го претставува Владата. Заминувањето од нејзиното чело на врвот од популарноста, на историска тема за евро-атлантска интеграција, е далекувидост на мудри политичари, пред да дојдат удолнините на македонското социо-економско секојдневие, кога „големата тема“ ќе биде „истрошена“. Од претседателска функција, пак, лесно се „терцира“ секој успех на извршната власт, додека одговорноста за неуспесите ќе ја крка некој друг.

На ова треба да се додаде и непријатниот избор што СДСМ ќе мора да го направи, доколку Заев не е нивен претседателски кандидат – која, имено, ќе биде таа личност? Шеќеринска, Спасовски, партискиот аутсајдер Димитров или некој друг?! Сите тие имаат свои квалитети, заслуги и неспорни амбиции, но опструкциите на спротивставените партиски струи ќе му донесат далекусежни штети на СДСМ, и тоа со експертиза развивана неколку децении наназад: притаено, зад грб, под маса, кога најмалку се надеваат…

Додуша, ако стане претседател на државата, Заев ќе мора да ги напушти претседателските столчиња во неговата партија и во Владата, што ќе отвори неизбежна „граѓанска војна“ за негов наследник. Но, нема решенија без ризик, а од позиција на власт тие одлуки секако подобро се менаџираат. Ранети и мртви ќе има кај тој сдсмовски „О-Кеј корал“, ќе видиме кој е побрз на влечење, не велам дека за публиката ќе биде здодевно.

Како што се гледа, сите околности укажуваат на тоа дека Зоран Заев нема да може да ја избегне сопствената кандидатура за претседателските избори идната година. Од таа функција патот води во историјата. Рано му е на Заев да се враќа на правење и продажба на ајвар.

Сето ова, сепак, под еден услов: за таквата кандидатура да ја добие поддршката од своето распослано семејство. Е, тоа е услов со повеќе бизнис-непознати…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...