Заев за Мицкоски: Од секое дрво кавал не бидува

3953

Велес, центарот на Македонија, којшто секогаш го спојувал северот и југот, западот и истокот, продолжува онака како што секогаш се однесувал, продолжува да биде на правиот пат. Јас знам дека овојпат сите ќе се радуваме на убава победа во Велес, рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибината на Социјалдемократите во Велес под мотото „На прав пат“.

– Имаме ретка можност да учествуваме во бордот на прогресивната алијанса која зборува за подобрување на животот. Еве го и Аце, работи, прво враќа долгови, има сериозна економска можност и капацитет, за да не останат долгови за идните генерации. Верувам дека уште многу ќе можеме да направиме ние како централна власт со општинската власт – рече Заев.

Тој истакна дека за само 2 ипол години успеале да ги решат најтешките прашања и сега со Грција и Бугарија разговараат за економијата, а не за незатворени прашања.

– Пред да одам во Стокхолм бев во Солун. Заедно со Мицотакис и Борисов зборувавме за меѓусебното економско помагање на трите земји. Тоа се случува само 2 ипол години подоцна од времето кога луѓето се мислеа дали да одат во Грција и Бугарија. Денеска сме земја почитувана од целиот свет. Конечно сме признаени како Македонци со македонски јазик, не сме повеќе ФИРОМ. Да, сме Република Северна Македонија, но никој не го негира нашиот идентитет. Светот и симнува капа на оваа наша мала земја. Водиме прогресивни политики кои носат благосостојба и просперитет, затоа замолуваме да останеме на правиот пат, тоа е патот по кој тргнавме и патот кој не носи напред. Две години и шест месеци навршуваме во декември. Ги решивме сите прашања, интегирани сме секаде. Слушате, од европски фондови за сите градови и за државата – истакна лидерот на владејачката СДСМ.

Заев рече дека без да калкулираат отишле до крај, не само да падне режимот, туку за сите чекори кои ги презеле.

– Сите земји сакаат да бидат членки во НАТО и ЕУ затоа што носи подобар живот за граѓаните, правна држава, квалитетно здравство, убаво образование, чист воздух, здравје за сите, затоа сакаме да одиме таму. И еве не, пред самите врати. Успеавме. До ден денеска нашиот опонент не знае и не сака да се огради од лошите политики. Рекле, од секое дрво кавал не бидува. Знаеме дека ништо не се променило во ВМРО-ДПМНЕ – рече премиерот и додаде дека понудил заедничка влада, но тие избегале.

Тој истакна дека првите економски резултати доаѓале во земјата, како и дека еден дел од долговите се уште ги враќаат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...