Никој не се надеваше дека толкави глупости може да се кажат. Ако се бориме за правна држава, треба да оставиме правните процеси да течат, рече денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи го вчерашното интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кое тој вели дека е следен од полицијата и оти очекува покрај останатите припадници на партијата да го уапсат и него.
Како што нагласи Заев, сите имаат обврска и треба да дадат придонес во враќањето на правната држава, а презумпцијата на невиност мора да се почитува.
– Однапред да давате квалификации за некој дали има вина или не, дали некој нарачувал или не, е срамота – потенцира премиерот, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на новиот погон на фабриката „Тиамо“ во Глумово, Сарај.
Тој уште еднаш повтори дека секој што го прекршил законот треба да одговара, но преку судски постапки, аргументи и докази, а секој што е невин, секако треба да биде ослободен.
На прашањето дали верува во правосудството, Заев рече дека има големи девијантни појави кои се катастрофа за општеството, но и одлични примери.
– Јас сум веројатно првиот премиер кој вака отворено фрла ракавица кон една независна власт како што е судската. Нема правда, ако таа не е еднаква за сите, ако секој не одговара согласно Законот – подвлече премиерот и ги повика медиумите да продолжат да го помагаат процесот на транспарентност.