Со Бугарија е веќе постигнат Договор за пријателство, а со подадената рака двете држави си признаваат дека дел од историјата е и заедничка. Но, и самиот Договор дава можности за меѓусебно да се почитуваат двете страни, истакна премиерот Зоран Заев на денешнава дебата за уставните измени во Штип прашан од граѓаните за најавите за оспорување на членството на Македонија во ЕУ од страна на лидерот на бугарската националистичка партија, Красимир Каракачанов.
Заев рече дека очекува европските вредности да бидат прифатени од сите.
– Дека јас сум Македонец, дека јас зборувам македонски јазик, тоа е мое право. Тоа е европска вредност. Јас очекувам навистина европските вредности да бидат прифатени од сите, како што исто така подадов рака и прифатив дека споделуваме заедничка историја. Ќе продолжам да зборувам во духот на пријателството и ќе продолжам да градам пријателство, без разлика на какви причини некој темели свои изјави или слично. Јас верувам дека и господинот Каракачанов и министерката Захариева и премиерот Борисов, но пред се бугарскиот народ е пријателски народ на нашиот наро – рече Заев.
Тој забележа деа Европа му дозволи да се обрати на македонски јазик во Европскиот парламент, а со тоа, како што рече, го верификуваше македонскиот јазик.
Според премиерот, доволно сме заглавени во минатото, треба да се оди напред кон иднината.
– Останувам да бидам поборник за градење пријателство со Грција и Бугарија, иако овој пат не е лесен бидејќи ќе излегуваат различни препреки. Но, пријателството треба да го градиме, заради тоа што со овие договори не е еднаш за секогаш дадено, туку треба да се негува, да се заштитува и да се гледа напред, заради тоа што истовремено е и интерес на граѓаните на Македонија и на граѓаните на Бугарија – потенцира премиерот Зоран Заев.