Во влијателниот Франкфуртер алгемајне цајтунг денеска излезе интервју со премиерот Зоран Заев кој се очекува да има средба со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин во обид да издејствува добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, јави Дојче Веле.
Во разговорот, Заев потенцира дека добил ветувања и од функционерите на ЕУ и од германската канцеларка Меркел дека доколку се реши спорот за името со Грција, земјата ќе може да напредува на патот кон ЕУ.
„ЕУ останува голем поттик за нас. Сакаме да се подобриме, како држава и како општество. Но исто така е точно дека ЕУ, канцеларката Меркел и многу други шефови на европски влади ни дадоа ветување во однос на решавањето на спорот со Грција и спроведувањето на внатрешните реформи. Ни беше речено:
„Исполнете вие, ќе исполниме ние“. Уште од 2005, значи веќе 15 години сме кандидат за членство во ЕУ. Нерешениот спор со Грција сиве овие години беше голема пречка. Во февруари 2018 бев во Берлин, и пораката од Ангела Меркел беше големо охрабрување за сите нас: Доколку го решите спорот за името и ги започнете важните реформи, и Европа ќе се држи до својот збор. Канцеларката Меркел не посети и на нашиот Ден на независноста и ја повтори оваа порака“, вели Заев за ФАЦ.
Македонскиот премиер предупредува дека неисполнувањето на ветувањето кон неговата земја ќе има реперкусии врз целиот регион.
„Ние го сменивме Уставот и името на нашата земја. Доколку тоа сега се игнорира, тоа ќе се одрази и врз мотивацијата на други политичари во регионот да ги решаваат конфликтите- како оној меѓу Србија и Косово. “
Извесната победа на опозициската Нова демократија во Грција не го загрижува Заев во однос на иднината на Преспанскиот договор, но признава дека постои можност новата грчка влада да ја блокира земјата во текот на преговорите со ЕУ.
„Делови од нашиот договор се уште треба да се имплементираат, како што е воведувањето на новите пасоши и други документи со новото име, или промената на историските учебници.
Тоа може во секој момент да доведе до компликации во нашите преговори за членство.“
Неотворањето на преговорите со ЕУ, според Заев, ќе го засили влијанието на трети држави.
„Кинеските економски интереси во регионот се познати. Русија е видливо поактивна во Србија, но традиционално е заинтересирана за Балканот- за нас, за Бугарија, Грција и Босна. Европа не смее дополнително да ја засилува прераспределбата на влијанието во регионот.“
На прашањето на новинарот: што ќе се случува во земјата доколку не се добие ветениот датум, Заев прогнозира „ништо добро“.