ЕУ да не ги гаси светлечките ѕвездички кон кои се стремиме, ако ги згаснат, ќе се изгубиме во темното. Европски претставници, бидете наши херои, а не наша пречка. Еве го Октомври, дојдовме и ја чекаме заслужената одлука да почнеме преговори, откако пристапивме искрено и чесно, изјави Премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со еврокомесарот Хан во Брисел, каде утре и задутре европските лидери треба да решат дали Македонија ќе го добие датумот за почеток за преговори со ЕУ.
Премиерот посочи „разбираме дека некои членки имаат потреба да отворат дебата за нова методологија за преговорите, но двата процеса можат да одат паралелно“.
– Тоа не пречи да добиеме одлука за преговори сега и веднаш. Ни треба позитивна одлука сега и веднаш, за нас тоа е нов процес на задачи, рокови и упорна работа на целото општество. Процес на отварање поглавја за стандардите на Европската Унија. По 10-те позитивни препораки од ЕУ, јас како премиер и мојот народ, сме убедени дека треба да започнеме со преговорите. Секое одложување ќе биде прочитано како негативна одлука и ќе има негативни ефекти, ќе има разочарување кај граѓаните и меѓу членовите кои го поддржаа Договорот од Преспа, вели Заев.
Тој предупреди дека ако не се испорача одлуката, кредибилитетот и довербата на граѓаните во ЕУ ќе се стави под знак прашалник.
– Тоа ќе ги засили регресивните сили во земјата и интересот на трети страни во регионот, ако ЕУ покаже слабост за Западен Балкан, зошто третите страни ќе го пополнат вакумот, вели Заев, кој упати порака и кон граѓаните:
– Нашиот пат е еден и постигнуваме резултати, никој нема да ни ги одземе реформите и промените, од ова ќе излеземе посилни.