Заев: Државата има само еден полиграф, нема институција да спроведе тест за интегритет

446

Премиерот Зоран Заев смета дека тоа што државата немала капацитети да го спроведе полиграфското тестирање и тестот за интегритет на кандидатите при вработување во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) не смеело да биде пречка таа да почне да се екипира и да остане преголем период на празнина во работењето на националната безбедност, особено, како што рече, во делот на контраразунавањето на државата.

– Директорот имаше многу искрена и транспарентна прес-конференција на која јасно кажа дека државата нема капацитет за тоа. Значи нема институција да спроведе тест за интегритет, нема во моментот квалификувани луѓе за да го поминат временскиот период определен за полиграфското тестирање. Постои еден полиграф во државата, а тоа мора со три екипи кои се точно обучени да се направи – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по конференцијата „Кон концептот за едно општество и интеркултурализам“.

Тој вели дека целиот процес бил транспарентен и оти тоа што не било направено, било кажано и зошто не е направено.

– Процесот секако продолжува понатаму. Екипирањето на Агенцијата е процес, во иднина кога ќе се обезбеди капацитет и тоа ќе го направат. Но, заради временски лимитираните работи, работејќи со партнерите од Америка, од Британија, Германија, Франција…, одлуките беа донесени консезуално со сите претставници од политичките субјекти исто така, не само од стручните луѓе таа фаза да се помине за да може да се конституираат, да може да стартуваат со својата работа поради тоа што не смее да остане преголем период на празнина на работењето на националната безбедност посебно во делот на контраразунавањето на државата – истакна премиерот.

Вчера опозоцијата обвини за незаконска селекција при вработувањето во Агенцијата, а директорот Виктор Димовски рече дека во процесот на селекција на вработувањата во АНМ строго се почитувани критериумите утврдени во Деловникот за работа, што бил едногласно усвоен.

Во тие критериуми, рече Заев, најнапред поаѓавме од квалитетот на кандидатите и согласно условите што се потребни за нивно селектирање за прием во АНБ.

Во работењето на Комисијата, според Заев, било констатирано дека постојат тешкотии две одредби од Законот целосно и навремено да се имплементираат. Првата се однесува за спроведување на тестот за интегритет, а втората за спроведување на полиграфското тестирање. Со оглед на практичната неможност овие одредби да се имплементираат, а тие се и дел од редовното работење на АНБ, Комисијата донела одлука да препорача раководството на АНБ имплементацијата на овие активности да ја има како приоритетна задача во наредниот период.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...