Заев до Силјановска: Стојам отворено, чесно и јавно зад Пендаровски

313

Треба да имаме позитивна изборна кампања, имам и право и обврска да поддржам концепт и кандидат за изборите, ги почитувам сите кандидати и никогаш никого не сум потценувал, вели премиерот Зоран Заев, по оценката што вчера ја упати кандидатот за претседател Гордана Силјановска дека е невообичаено премиер и министри да учествуваат во кампања за претседател и оти сите треба да се однесуваат технички.

– Јас сум и претседател на СДСМ, и секако имаме право да имаме своја определба и став. Јас сум еден од двигателите на левицата и од владиното мнозинство. Соодветно на Уставот и законите во нашата земја направивме избор на кандидат зад кој стоиме. Стојам отворено, чесно и јавно за целиот концепт на Стево Пендаровски и зад Пендаровски затоа што не само што е мое право, туку е и моја обврска и должност да поддржам концепт и кандидат на овие избори. Респект и почит кон сите кандидати, никогаш никого не сум потценувал, но граѓаните треба да изберат помеѓу понуда и концепт – изјави Заев.

Тој апелира да се даваат понуди на граѓаните и да има позитивна кампања на која се обврзале претседателските кандидати.

– Апелирам да се даваат понуди на граѓаните, а не само да се зборува во празно за некое минато. Па дури и кога се зборува за минато убаво е да се оградиме од тоа минато како што тоа госпоѓата Силјановска впрочем и не го прави. Во таков еден аспект очекувам позитивна кампања заради тоа што и да беше ветено на 1 април од госпоѓата Силјановска и господинот Мицкоски, колку и да е денот на шегата, нам не ни е до шега. Треба да има позитивна кампања за да можат граѓаните да изберат вистински концепт и вистински претседател, кој по Устав и по закон е првиот човек во државата – рече Заев.

– Премиерот е и мој премиер и сите треба да се однесуваат технички – рече Силјановска Давкова, кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  при вчерашната ТВ дебата со другите двајца кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Блерим Река кој е поддржан од Движењето БЕСА и Алијанса за Албанците.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...