Заев до Мицкоски: Каде беше кога се правеше терен за НАТО

Премиерот не исклучува можност за предвремена ратификација на Протоколот во македонскиот парламент, доколку и натаму се одложува ратификацијата во Шпанија, ама нагласи дека иницијативата за тоа треба да произлезе од владата

774

Каде беше ВМРО-ДПМНЕ додека го отворавме патот за  влегување во НАТО, праша денеска премиерот Зоран Заев, кој ја оцени како политиканство и деневно-политичка калкулација иницијативата на ВМРО ДПМНЕ, за предвремена ратификација на Протоколот за влез на нашата земја во Алијансата.

– Каде беше ВМРО-ДПМНЕ кога требаше да се донесат големите одлуки на НАТО. Тие тогаш се криеја, блокираа и станаа од пратеничките клупи, за да им стојат над глава на своите сопартијци кога се носеше одлука за измена на Уставот – рече Заев.

По средбата на маргините на самитот  во Лондон со шпанскиот премиер Педро Санчез, Заев изјави денеска дека очекува во јануари протоколот за НАТО да биде ратификуван и во парламентот во Мадрид. Тој нагласи дека С.Македонија треба да биде 30. и последна земја што ќе го ратификува Протоколот пред полноправното членство во Алијансата. Заев рече дека се надева дека тоа ќе се случи пред распуштањето на македонскиот парламент во февруари, со оглед на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Сепак, Заев не исклучува можност за предвремена ратификација на Протоколот во македонскиот парламент, доколку и натаму се одложува ратификацијата во Шпанија, поради политичките околности во земјата по предвремените парламентарни избори минатиот месец. Но, нагласи дека иницијативата за ратификација на Протоколот за НАТО во нашиот парламент треба да произлезе од владата.

-Евентуалното одложување од Шпанија, кое не верувам дека ќе се случи, ја отвора можноста да направиме условна ратификација  во нашиот парламент, која би била објавена од страна на претседателот на државата и од страна на парламентот, веднаш по ратификацијата во шпанскиот парламент. Овде постапката и процедурата е усогласена со НАТО централата и тоа можеме да го направиме, но чесно, достоинствено и гордо да бидеме 30 земја-членка која ќе ја направи ратификацијата. И затоа одиме сериозно и одговорно во делот на постапките без какви било политички калкукации – рече Заев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...