Со ова решение не само што добиваме уште еден пријател и стратешки партнер, не само што ги отвораме вратите на НАТО и ЕУ, не само што ја гарантираме безбедноста, туку ја остваруваме и вековната аспирација на нашите предци конечно оваа држава да биде признаена од сите, држава во која ќе живеат граѓани со доминантно македонско население признаено од целиот свет, граѓани кои ќе зборуваат македонски јазик признаен од целиот свет, порача премиерот Зоран Заев од собраниската говорница на седницата на која пратениците треба да го ратификуваат Договорот со Грција.
Неговото обраќање не го проследија пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои уште вчера најавија дека нема да учествуваат во носењето на Законот за ратификација за договорот.
Заев порача дека на крај граѓаните ќе го имаат последниот збор и им порача на пратениците дека тие се првата алка која ќе им овозможи демократско право да се изјаснат за својата иднина на референдум.
– Имаме договор со јасни обележја на нашето, македонското, на нашиот македонски јазик, така како што ги разбираме ние. Јазикот и идентитетот се македонски. Потписите на историскиот догоор во Преспа го заштитија нашиот идентитет за век и векови. Никому ништо не сме му подариме ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географска одредница… Се издигнавме над стравот за да обезбедиме безбедна и спокојна иднина. Повикувам да ги отфрлиме ѕидовите на изолација. Целиот демократски свет, сите партнери и поддржувачи порачаа дека овој договор е чекор што не извлекува напред – рече премиерот.
Тој ги повика пратениците да го ратификуваат договорот и посочи дека Европа ја отвора вратата, а поканата од НАТО станува реалност, па наредниот месец сите можеме да бидеме под македонското знаме кога ќе се издига на јарболот во седиштето на НАТО.