Премиерот Зоран Заев на половина месец пред заминување ќе раководи со безбедносно-разузнавачките служби, откако вчера на владината седница што се одржа во Куманово, беше формиран Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во кој освен премиерот членуваат и министри и директори на безбедносните сектори во државата.
По заминувањето на Заев на 3 јануари, на чело на техничката влада се очекува да застане Оливер Спасовски или министерката Мила Царовска, така што за неполн месец и координацијата на Советот на безбедносно-разузнавачката заедница ќе добие нов претседавач, како и член од опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оглед на тоа што на местото на министерот за внатрешни работи кој исто така е член на ова тело, ќе дојде функционер од опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште ги нема обелоденето имињата на нивните претставници во техничката влада, за кои партиски извори велат дека ќе ги соопштат деновиве. Неофицијално, Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ се споменуваше како нов технички министер за внатрешни работи, но во партијата велат дека досега на партиските органи не станало збор за ниту еден од носителите на министерствата со кои ќе раководи нивната партија по 3 јануари.
Во Советот кој има задача да разгледува и да проценува безбедносно-разузнавачките закани и ризици за националната безбедност на државата членува и Садула Дураки, министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, потоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Во Советот кој треба да дава насоки и да донесува заклучоци за начинот на заштита на националната безбедност членуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и шефот на военото разузнавање Горан Василевски.
Во Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница пишува дека со Советот претседава премиерот, а на негова или на иницијатива на некој од членовите на седниците може да учествуваат и функционери кои раководат со други органи на државната управа, односно државни органи и институции, како и експерти, но тие немаат право на глас.
Седниците на ова тело се одржуваат по потреба, ги свикува премиерот или некој од членовите, но може да се одржат и на предлог на функционер или пак на друго лице кое во текот на својата работа дошло до сериозни сознанија за националната безбедност на државата.