Во мое и во име на Владата на Република Северна Македонија, овде пред вас, уште еднаш испраќам јасна порака, дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапреди македонскиот јазик, вечниот паметник на нашето постоење како народ. Нашата татковина, како што велеше Блаже Конески, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод „5 Мај – Денот на македонскиот јазик“.
Тој додаде дека Владата е посветена на грижата за правилната употреба на македонскиот јазик и спомена дека покрај тоа што во соработка со Институтот за македонски јазик обезбеди интернет пристап на „Правописот на македонскиот јазик“, се прават напори на граѓаните да им бидат бесплатно достапни и други дела.
Премиерот Заев истакна дека главната цел на организирањето на настанот е да се чујат сите укажувања и предлози за сеопфатен и стратешки пристап за да се идентификуваат најдобрите можни начини за создавање услови за развој и промовирање на македонскиот јазик.
– Затоа денеска тука се поканети претставници на најважните институции што се занимаваат со македонскиот јазик, како што е Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, на Академијата на науки и уметности на Северна Македонија – МАНУ и Институтот за македонска литература“ – подвлече премиерот Заев.
– Денот на македонскиот јазик е празник и за сите други граѓани и заради нашето заедничко, споделено чувство на припадност на една мултикултурна општествена заедница, која ги почитува и негува сите културни и идентитетски вредности на етничките заедници во нашата земја – истакна премиерот Заев.