Заев: Граѓаните ќе испишат ново поглавје во историјата – четврти Илинден

Следува разговор меѓу мене и Ципрас вечерва или утре, до петок, најави премиерот Заев.

1643

Разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас до петок и утврдување на правно-формалниот аспект на договорот и термините за негово спроведување, се последните чекори кои остануваат да се договорат во однос на решавањето на спорот околу името.

– Нема сѐ уште ништо договорено. Како што соопштија министрите за надворешни работи, се работи на правно-формалниот аспект на договорот. Следува разговор меѓу мене и Ципрас вечерва или утре, до петок. Чекорите беа тема на лидерската средба што ја имавме деновиве, беа додадени од некои можните закани за СЈО и сл. Треба да се утврди правно-формалниот аспект на договорот и термините за негово спроведување – рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање, на денешната прес конференеција по повод една година од новата Влада во Македонија.

Тој во својот говор нагласи дека никогаш не сме биле поблиску до решение.

– Македонскиот јазик е потврден, идентитетот наш е потврден. Не е лесно ова прашање. Но на Македонија ѝ треба лидерство да оди напред. Покажавме дека сме подготвени за лидерство. Рековме ќе има референдум граѓаните ќе го имаат последниот збор, но граѓаните чекаат лидерство, а вистинските патриоти денес се тие кои обезбедуваат иднина. Сите знаеме дека по решавањето на спорот Македонија станува членка на НАТО – рече Заев.

Тој истакна дека Македонија е на вистинскиот пат и дека темелните реформи се препознаени од цела Европа.

– Македонија се промени, му покажавме на светот дека сме подготвени за реформи. Македонија ја препознаваат како мирољубива земја. На граѓаните им претсоти да испишат ново поглавје во историјата – четврти Илинден. Создаваме нова судбина која гледа напред, една таква Македонија во која граѓаните се ослободени од предрасудите на минатото – рече Заев.

Тој рече дека претседателот Ѓорѓе Иванов денеска ќе биде информиран за најновите детали од средбите на министерот Никола Димитров, кој од денеска е вратен во Скопје.

Ратификацијата на Договорот во Собранието ќе биде пред референдумот за да се аплицира порано во НАТО. Заев очекува поголемо мнозинство да го поддржи договорот со Грција.

Референдумот би се одржал кон крајот на септември или почетокот на октомври.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...