Премиерот Зоран Заев денеска упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија, по повод празникот 28 септември – Меѓународен ден на Бошњаците.
„Овој ден кој го симболизира враќањето на националното име „Бошњак“ и именувањето на вашиот мајчин јазик како босански јазик, е добра можност за да се одбележат културните специфики и вредности на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.
Бошњаците се составен и нераздвоен дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава, и активно учествуваат во градењето на концептот „Едно општество за сите“.
Како определба на Владата на РМ да биде посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, од оваа учебна година во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.
Бидете уверени дека остануваме и понатаму посветени на заложбите за натамошната промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани.
Сите заедно да продолжиме со спроведувањето на реформите, за развој на економијата и подобрување на стандардот на граѓаните, на промоцијата на можностите за културно и образовно напредување, како вредности патот на нашите европски и евро-атлантски интеграции, и за изградба на силна, модерна и напредна европска Република Македонија“, се вели во честитката.