Зошто за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатливо името Република Илинденска Македонија, го праша премиерот Зоран Заев, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашниот ТВ дуел и побара отвореност и од опозицијата во преговарачкиот процес за името со Грција.
– Кажете ми што не чини во Илинденска Македонија, што ви смета во Илинден. Лесно е да кажете ние сме против, без аргументи. И опозицијата мора да биде одговорна во овој процес. Јас верувам дека треба да се обидеме, затоа што решението е достоинствено. И во Њујорк ќе се обидеме, додека можеме да се обидуваме. Сега сме блиску, во наредните 10 години ќе биде многу потешко – рече Заев.
Македонија, додаде премиерот, нема алтернатива освен итеграцијата во НАТО и ЕУ.
-Затоа е важно да бидеме максимално креативни и буквално да изнајдеме решение коешто ќе го сочува нашето достоинство и ќе го потврди нашиот идентитет. Републикиа Илинденска Македонија не само што го сочувува туку и го унапредува идентитетот. Не слушнав сериозни аргументи зошто е проблематично тоа име, а притоа македонски јазик е потврден, идентитетот е наш потврден дури и граѓанството стои македонско/граѓани на таа земја, затоа што имаме Албанци, Бошњаци, Власи и други етнички заедници – истакна премиерот Заев.
Мицкоски не одговори зошто предлогот Република Илинденска Македонија е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ.
-Македонија 25 години е заглавена во калта на патот кон ЕУ. Патриотизам на гладен стомак нема. Што ако не се реши спорот во наредните 10 години. Тоа е лидерство. На крај ќе има референум, граѓаните ќе одлучат – заклучи Заев.
ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи промена на Устав, нема мандат ни ВМРО-ДПМНЕ ни СДСМ тоа да го направат, рече Мицкоски.
-Заев кажуваше дека нема да преговара за Уставот на РМ. Заев за германски Шпигел изјави дека нема да го бара решението во промена на уставот. Вие Зоран сте го урнисале целиот процес на преговори. Не се водат преговори егзибиционистички – рече Мицкоски.
Заев, понатаму му забележа на Мицкоски дека не смогнале сили ниту да се огради партијата од бруталното насилство на 27 април во Собранието.
– Се надевам дека вакви лузни на челото никогаш повеќе македонски политичар нема да има во Македонија. Никогаш да не се повторат. Се уште ги поддржувате ваквите политики, не смогнавте сили ниту еднаш да се оградите од ваквите политики. Не треба никој да има вакви лузни. Барем да се оградевте од таквите политики, од тоа насилство коешто се случи врз македонски политичари, а не треба да се случува ниту врз граѓани. Ова е црното петно на Македонија – рече Заев.