Намерата ми е искрена, нема политички реваншизам, рече Зоран Заев на седницата за пратенички прашања и упати покана за кафе до пратеникот Влатко Ѓорчев.
– Доволно е политичкото делење. Сакам помирувањето да пристигне до секого. Нови 47.000 работни места се отворени, најголемиот дел се во приватниот сектор. Секој има право на работа. На работа се прима според квалитет, а не според партиска одлука. За тоа кој ја води кадровската политика на СДСМ, ве поканувам на кафе во СДСМ и таму ќе ви одговорам и ќе разговараме – додаде Заев.
Тој истакна дека вработувањата се транспарентни и не се политизирани и се реализираат поради дефицитарност на кадрите.
– Приватните компании веќе даваат и поголеми плати со средно образование, отколку во јавните институции. Јавната адмнистрација денеска брои помалку од тоа што броеше пролетта во 2016 година. Се потполнуваат само испразнети места, а и тие места не се сите пополнети -истакна Заев и информираше дека за една година има 18 нови странски инвестиции во економските зони и околу 20 до 30 надвор од зоните што се дел од земјоделството и други нови дејности.
Заев одговори и за вработувањата или поставувања заменици директори во јавните претпријатија за кои рече дека тоа се прави поради потребата од зголемување на ефикасноста на самите институции.
– Донесовме програма согласно реформите во јавната администрација и јасно е нотирано кои институции ќе ги укинеме или ќе ги фузираме, а се со цел да ги намалиме и да ги рационализираме трошоците за административно работење при сервисирањето на јавните услуги кон граѓаните. Се подготвува закон за висока раководна служба која треба да даде придонес за да може да се зајакне професионализмот и политичката одговорност на позициите што се поставени од извршната власт – рече Заев.
Во однос на прашањето за програмата „Младинската гаранција“, претседателот на Владата рече дека тој проект, иако е експериментален во три општини, дава резултати и дека веќе 1.200 млади се вработени. Од нив, рече тој, голем број тоа го искористиле за нивно дообразование, но ја искористиле и алатката за тренинг, а за реализација на тоа се приклучиле голем број на компании меѓу кои германски инвеститори.
Заев најави дека идната година „Младинската гаранција“ ќе се прошири на поголем опфат и дека ќе дава поголеми резултати.